СВЕДОК ГО ПРЕПОЗНА ТЕХНИЧАРОТ ОД СНИМКАТА ЗА СЛУЧАЈОТ ПЕРИШ Го пријавил за задушување друг пациент во јануари

Сведок тврди дека уште во јануари пријавил медицински техничар за тепање и задушување врзан пациент во психијатриската болница во Загреб. Десет месеци подоцна го препознал истиот техничар на фотографиите од нападот врз Кристијан Јосип Периш, кој почина на 21 октомври.

103

Сведок кој уште во јануари годинава поднел кривична пријава за насилство врз пациент во психијатриската клиника „Свети Иван“ во Загреб тврди дека препознал еден од техничарите поврзани со смртта на Кристијан Јосип Периш (32).

Според неговото сведоштво, истиот техничар 10 месеци претходно тепал и задушувал со перница друг пациент, кој бил врзан за болнички кревет.






За новите откритија пишува хрватскиот портал „Новости“, повикувајќи се на кривична пријава од 26 јануари 2026 година. Имињата на сведокот, пациентот и техничарот во пријавата се наведени со иницијали.

Техничарот наводно го нападнал пациентот кој бил врзан за креветот. Го удирал пациентот и му притискал перница на лицето, задушувајќи го приближно 5 минути. Околу половина час подоцна повторно влегол во собата, го удирал пациентот по лицето и повторно го задушувал со перница.

Според пријавата, пациентот цело време бил врзан и не можел да се одбрани.

Техничарот наводно му се заканил и со убиство.

– Ако напишеш за ова, ќе те убијам – му рекол, според сведочењето наведено во кривичната пријава.

Следното утро пациентот му признал на сведокот дека се плаши од техничарот и дека поради тоа не сака да го пријави нападот.

Според пријавата, инцидентот се случил на 18 декември 2025 година, околу еден часот по полноќ.

Пријавата останала без реакција

Сведокот го контактирал адвокатот Иван Врдољак, кој на 26 јануари ја поднел кривичната пријава.

Тој тврди дека за нападот ги известил и лекарите во болницата, вклучително и медицински тим од 6 до 7 лица. Особено го информирал лекарот означен со иницијалите А. О., кого подоцна повеќепати го потсетувал на случајот.

Според сведокот, лекарот му одговорил дека болницата нема да преземе ништо додека не биде поднесена тужба. Адвокатот побарал итно испитување на сведокот, кој изјавил дека може да го препознае техничарот. Меѓутоа, според адвокатот, таква постапка не била спроведена.

– Оваа акција е неопходна за да се идентификува за кого се работи. Врз основа на ова, но и на фактот дека техничарот подоцна бил виден како работи нормално со месеци, можеме да заклучиме дека полицијата, државното обвинителство и болницата не реагирале соодветно, ако воопшто реагирале – изјавил Врдољак за „Новости“.

Тој нагласил дека уште при поднесувањето на пријавата предупредил оти станува збор за особено ранлив пациент и за медицински работник кој имал должност да се грижи за него.

– Ова ми кажува дека докторот не гледа ништо проблематично во задушувањето и удирањето на врзан пациент, инаку би направиле нешто. Таквото однесување го шокира секој нормален човек – изјавил адвокатот.

Директорката поднесе оставка

Во времето на пријавениот напад, болницата веќе ја водела Мајда Грах, која била назначена за вршителка на должноста директорка на 29 октомври 2025 година.

Грах денеска поднесе оставка, додека продолжува истрагата за смртта на Периш.

Триесет и двегодишниот поранешен спортист Кристијан Периш почина на 21 октомври, по насилна интервенција во истата психијатриска клиника.

Според полицискиот опис на снимките од надзорните камери, медицински техничари го удирале Периш, му го притискале вратот со колена и му држеле перница на лицето.

Дел од насилното постапување продолжило и откако пациентот престанал да дава отпор.

Четворица медицински техничари се осомничени за тешко убиство на особено ранливо лице и се наоѓаат во истражен притвор.

Директорката ги прегледала снимките од надзорните камери дури на 4 ноември, односно 14 дена по смртта на Периш.

Околу 70 сведоштва за насилство

По смртта на Периш, редакцијата на хрватската емисија „РТЛ Директ“ добила околу 70 јавувања од луѓе кои тврдат дека доживеале физичко или психичко насилство во истата болница.

Меѓу нив е и Габриела Станиќ од Самобор, која била хоспитализирана во септември 2023 година, откако го пронашла безживотното тело на својот син Иван, загинат при предизвик на Тикток.

Таа раскажала дека само неколку часа по трагедијата болничкиот персонал употребил сила врз неа бидејќи плачела и барала да си замине дома.

– Ме зграпчија, седнаа врз мене и ме пцуеја. Беа тројца или четворица – изјавила Станиќ за „РТЛ Директ“.

Според нејзиното сведоштво, персоналот ја врзал за кревет, а лекарка одбила да ѝ даде вода додека не престане да плаче.

Други поранешни пациенти пријавиле наводно задушување со перници и чаршафи, тепање, грубо врзување и понижување за време на болничкиот престој.

Поврзани содржини