СПОРЕД МЕДИНСКИ, МИРОВНИОТ ДОГОВОР ЗА УКРАИНА Е БЛИСКУ Русија и Украина тврдат дека е постигнат одреден напредок во преговорите во Абу Даби
Американските посредници оценија дека постои недостиг на доверба меѓу завојуваните страни, како и разлики во прашањата како што е територијата, а главниот преговарач на Русија Владимир Медински истакна дека на одредени прашања е постигнато меѓусебно разбирање, но за други сè уште постојат разлики и најави дека разговорите ќе продолжат
Руските и украинските преговарачи изјавија дека е постигнат одреден напредок во дводневните мировни преговори во Абу Даби, кои завршија денеска.
Американските посредници оценија дека постои недостиг на доверба меѓу завојуваните страни, како и разлики во прашањата како што е територијата.
Главниот преговарач на Русија Владимир Медински наведе дека мировниот договор е блиску по разговорите во Абу Даби.
– Но, во моментов, многу зависи од сите вклучени во процесот. Многу зависи од Украина, од ставот на САД и од тоа дали Европа ќе се вразуми – истакна Медински.
Медински истакна дека на одредени прашања е постигнато меѓусебно разбирање, но за други сè уште постојат разлики. Рече дека разговорите ќе продолжат и не откри конкретни детали од преговорите, нагласувајќи дека тие не се објавуваат додека не се постигне конечен договор.
Според Медински, една од главните теми била идната архитектура на европската безбедност. Тој оцени дека на светот му е потребен нов, современ и праведен безбедносен систем, кој нема да биде на штета на ниту една држава.
Во првите мировни преговори по 8 месеци, Русија и Украина договорија поголема размена на заробеници, но немаше други позначајни конкретни резултати по состаноците со посредство на САД.
Американскиот претставник Џаред Кушнер, зет на претседателот Доналд Трамп, изјави дека посредниците се обидуваат да ги задоволат интересите на двете страни со цел ставање крај на најголемиот судир во Европа од Втората светска војна. Тој е уверен дека е можно да се најде пат кон мирот.
И покрај јавниот оптимизам на Трамп, нема индикации дека е постигнат компромис во врска со главните прашања.
Преговорите за територијата влегоа во ќорсокак, при што Украина ги отфрли барањата на рускиот претседател Владимир Путин во замена за мир да го предаде целиот источен регион Донбас, а американските посредници се обидоа да ги насочат разговорите кон повоените безбедносни гаранции и обновата.
– Всушност, во моментов нема доверба меѓу страните и тоа е очекувано по судир како овој – рече Кушнер, додавајќи дека преговорите во главниот град на Обединетите Арапски Емирати ги допреле територијалните прашања кои ќе биде најтешко да се решат.
– Во некои области гледаме простор за компромиси, а на други места ни се потребни уште дискусии, но верувам дека ова беше многу добар чекор – додаде тој.
Кушнер изјави дека тој и неговиот колега Стив Виткоф утре ќе отпатуваат во Москва на средба со рускиот претседател Владимир Путин, на која ќе го отворат прашањето за проширување на преговорите со европските партнери, за кои рече дека мора да бидат на масата.
Тој додаде дека безбедносната архитектура на Европа би можела да биде основа на договорот, но не наведе детали.
Рускиот претставник Медински рече дека руската делегација не разговарала со европските претставници во Абу Даби. Според него, Русија не добила конкретни мировни иницијативи од европските земји. Тој дури порача дека европските политичари треба да научат од американските преговарачи за реализмот и желбата за постигнување мир. Медински ги опиша специјалните пратеници на Доналд Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, како искрени и ефикасни луѓе, ориентирани кон конкретни резултати, а не кон празни разговори.
По состанокот во Москва, Кушнер и Виткоф ќе се сретнат со украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на посетата на Ирска.
Зеленски, пак, денеска изјави дека Европа треба да има место на масата за преговори за завршување на војната.
„Приоритет на Украина е што поскоро да заврши војната, со достоинствен мир. Веруваме дека Европа треба да биде претставена во секоја фаза од вистинската дипломатија“, објави Зеленски на платформата Икс.