НАЈГОЛЕМИТЕ ЖЕЛЕЗНИЧКИ НЕСРЕЌИ ВО ШПАНИЈА ОД 2000 ГОДИНА ДОСЕГА Човечки грешки, бомби, излетувања од шини – што сѐ довело до трагедиите?
Најмалку 64 лица загинаа, а повеќе од 179 се повредени во судирот на двата воза утрово во Урда, во покраината Толедо, на линијата Мадрид – Севилја, покажуваат најновите податоци од Службата за цивилна заштита во Кастилја-Ла Манча. Во возовите патувале вкупно над 500 лица во моментот кога едниот воз удрил во задниот дел на другиот воз што стоел на истата линија, при што повеќе вагони излегле од шините.
Во продолжение следува хронолошки преглед на најтешките железнички инциденти што се случиле во Шпанија од 2000 година, па наваму:
18 јануари 2024 Вкупно 46 лица загинаа, а повеќе од 120 беа повредени откако воз со голема брзина излета од шините и се судри со воз од спротивен правец близу Адамус, во провинцијата Кордоба во областа Андалузија. Катастрофата сè уште се истражува, а прелиминарниот извештај на шпанската Граѓанска гарда од февруари како главна хипотеза за инцидентот ги посочува дефектите во железничкиот пат, шината или заварувањето меѓу два дела од шината. Истражувачите, сепак, продолжуваат да разгледуваат уште седум можни верзии за причините за трагедијата.
9 септември 2016 Во Порињо, област Галисија, при железничка несреќа кога од шините излезе португалски воз загинаа четири лица, а 48 беа повредени. Возот патувал од Виго во Галисија кон Порто во Португалија со вкупно 65 лица – 63 патници и двочлен екипаж.
24 јули 2013 Воз со голема брзина со осум вагони излезе од шините на остра кривина близу северозападниот град Сантијаго де Компостела, удри во бетонски ѕид и се запали. Загинаа 80 лица, а 145 беа повредени. Комисија при Министерството за транспорт заклучи дека катастрофата била предизвикана од пречекорена брзина и расеаност на машинистот поради телефонски повик од неговиот началник, но здружението на жртви го обвини инцидентот и на сметка на безбедносните системи на линијата.
21 август 2006 На железничката станица во градот Виљада, во Северна Шпанија, излета од шините воз со 460 патници. Загинаа шест лица, а 40 беа повредени поради пречекорена брзина.
10 април 2006 Во 03:00 часот рано изутрина се судрија два вагона со товар без патници на линијата Лусеро-Аргуелес во Мадрид, при што загинаа две лица.
21 мај 2004 При судир на возови на станицата Линарехос, на околу 100 километри од Самора, во Северозападна Шпанија, беа повредени 20 лица. Двата воза превезуваа вкупно 505 патници, двете локомотиви се запалија.
11 март 2004 Десет бомби поставени во ранци експлодираа во четири приградски возови во Мадрид, убивајќи 193 лица и ранувајќи илјадници други за време на утринскиот шпиц. Нападите беа извршени од исламистички екстремисти кои се противеа на учеството на Шпанија во војната во Ирак.
4 јуни 2003 Патнички воз се судри челно со товарен воз во Централна Шпанија, при што загинаа 11 лица, околу 40 беа повредени, а 16 патници се водеа како исчезнати. Во неколку вагони избувна пожар, а како причина се претпоставува погрешно даден сигнал од диспечер.
30 март 2002 Два патнички воза се судрија на станицата Торедембара на железничката линија Барселона-Валенсија, меѓу експресот „Еуромед“ (Барселона-Аликанте) и локалниот воз (Тортоса-Барселона). Загинаа двајца, а 99 лица беа повредени.
7 септември 2000 Во градот Каранса, во Северна Шпанија, при челен судир на два товарни воза загинаа најмалку четири лица.