НОВ НАПАД ОД САД НЕМА ДА ЈА СМЕНИ ПОЛИТИКАТА НА ИРАН Арагчи најави одговор кој „нема да биде различен од претходните“

Изјавата на Арагчи дојде како ублажување на претходната изјава на портпарол на Иранската револуционерна гарда дека евентуален нов напад од САД и Израел ќе предизвика одговор од Иран кој ќе биде „неколкукратно посилен од претходните“.

65

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи изјави денеска дека евентуалното обновување на непријателствата од САД и Израел нема да ја промени политиката на Техеран.

– Во последно време се зборува за нова војна. Без оглед на тоа дали ќе има војна или не, нашата политика ќе остане непроменета – изјави Арагчи за државната телевизија.






Пред неколку дена, претседателот на САД, Доналд Трамп, навести дека Вашингтон би можел да ги продолжи воените операции против Иран, без да прецизира кога би можело да се случи тоа.

– Тие веќе двапати го направија тоа и видовме какви се резултатите. Ако сакаат повторно да пробаат, знаат дека резултатот нема да биде различен од она што се случи во минатото – рече Арагчи.

Изјавата на Арагчи дојде како ублажување на претходната изјава на портпарол на Иранската револуционерна гарда дека евентуален нов напад од САД и Израел ќе предизвика одговор од Иран кој ќе биде „неколкукратно посилен од претходните“.

Во меѓувреме, иранска новинска агенција објави дека иранските системи за воздушна одбрана собориле американски дрон над јужниот пристанишен град Бандар Абас.

– Работиме на постигнување разбирање и усогласување на пристапите со земјите од регионот за воспоставување нова безбедносна архитектура. Го поздравуваме секој чекор за гарантирање на регионалната безбедност преку земјите од самиот регион и подготвени сме да водиме дијалог за ова прашање – изјави Арагчи.

Арагчи исто така изјави дека за да се постигнат мир и стабилност во регионот, присуството на странски воени сили мора целосно да заврши.

Изјавите на Арагчи се директен одговор на усогласените пораки што во изминатите 48 часа дојдоа од САД и Израел. Американскиот претседател Доналд Трамп во саботата изјави дека САД би можеле да го нападнат Иран, можеби уште утре, но и дека Техеран би можел да постигне „одличен договор“ со Вашингтон. Тој додаде дека во двата случаи САД ќе бидат победници.

Американските разузнавачки служби во петокот предупредија дека подготовките на Иран за напади врз Американците низ Блискиот Исток се во напредна фаза. Предупредувањето доведе до евакуации од амбасади и воени бази.

Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет на 19 октомври тајно го посети израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, а Нетанјаху потоа јавно изјави дека отстранувањето на иранскиот режим е главната цел на Израел.

Поврзани содржини