🎥 ПРОТЕСТИ ПРОТИВ ПРИТИСОЦИТЕ ВРЗ НОВИНАРИТЕ И ЦЕНЗУРАТА Илјадници луѓе излегоа на улици во Турција

Протести се одржаа во Истанбул, Анкара и уште неколку градови, а новинарските здруженија предупредуваат на апсења, затворање медиуми и ограничување на пристапот до информации.

69

Илјадници луѓе се собраа денеска во Истанбул и Анкара на протести против, како што велат, зголемениот притисок врз новинарите во Турција, вклучувајќи апсења, затворање на медиуми и назначување државни управители во медиумските куќи.

– Доста е. Веќе не можеме да дишеме – извикуваа демонстрантите, меѓу кои имаше новинари, претставници на организации за заштита на човековите права и членови на опозициски партии, пренесува агенцијата Франс прес.






Според полициските процени, најмалку 3.000 луѓе се собрале на азиската страна на Истанбул, а сличен број демонстранти излегле и на улиците во Анкара. Учесниците носеле фотографии од затворени новинари и извикувале „Нема да молчиме, доста е!“ и „Нема да се покориме на притисоците!“. Протести биле организирани и во други турски градови, меѓу кои Измир, Анталија, Адана и Дијарбакир.

Демонстрациите ги организирале новинарски здруженија и синдикати под слоганот „Не за цензурата, слобода за вестите“. Тие се одржуваат на првата годишнина од преземањето на телевизијата ТЕЛЕ1 под државна контрола, а организаторите предупредуваат дека затворањето медиуми и судските постапки против новинари ја загрозуваат слободата на информирање.

Според Синдикатот на новинарите на Турција, во последните два месеца 11 новинари биле испратени во затвор, а неколку медиуми биле затворени. Претставниците на новинарските организации сметаат дека ваквите постапки создаваат атмосфера на страв и го ограничуваат независното известување.

Дополнително внимание предизвика случајот со телевизијата Халк ТВ, еден од најпознатите медиуми критички настроени кон претседателот Реџеп Таип Ердоган и неговата влада. На 14 октомври полицијата извршила претрес во седиштето на телевизијата во Истанбул, по што емитувањето било прекинато, а со судска одлука бил назначен државен управител. Властите случајот го поврзуваат со истрага за наводни корупциски дела, додека опозициските политичари и новинарските здруженија го осудија потегот како удар врз медиумската слобода.

Претходно, турските власти го блокираа и пристапот до интернет-порталот Т24 и неговите профили на социјалните мрежи, повикувајќи се на наводно ширење содржини поврзани со „ЛГБТ-пропаганда“. Овие потези предизвикаа дополнителна загриженост кај организациите за слобода на медиумите и слобода на изразување.

– Новинарството не е кривично дело – порачаа организаторите, нагласувајќи дека слободата на печатот не е само право на новинарите, туку и право на граѓаните да добиваат информации и да ја повикуваат власта на одговорност.

Турција со години е предмет на критики од меѓународните организации поради ограничувањата врз независните медиуми, судските постапки против новинари и блокирањето интернет-содржини. Демонстрантите побараа запирање на цензурата, ослободување на затворените новинари и овозможување услови за слободно и независно известување.

Поврзани содржини