ЌЕ БИДАТ ПОВЛЕЧЕНИ 33 СТАРИ УЧЕБНИЦИ Министерството за образование најавува поквалитетни содржини

Новите учебници за прво, второ, четврто и петто одделение треба да бидат подготвени за учебната 2027/2028 година, а веќе е распишан конкурс за нивна изработка.

52

Министерството за образование и наука (МОН) повлекува 33 учебници за учениците од прво, второ, четврто и петто одделение бидејќи се во петтата година од употреба и, според Министерството, има потреба од подобрување на нивниот квалитет и осовременување на содржините.

Наместо нив, учениците треба да добијат нови учебници од учебната 2027/2028 година.






Од МОН објаснуваат дека повлекувањето е дел од обновувањето на наставните материјали, а Педагошката служба веќе објавила конкурс за изработка на новите учебници.

Како причина за нивната замена Министерството ги посочува потребата од поквалитетни и посовремени содржини и периодот на нивната досегашна употреба.

Промените не се ограничени само на овие четири одделенија. Министерството спроведува постапки за обновување на учебниците и во повисоките одделенија од основното образование, како и во средните училишта.

По донесувањето на новите наставни програми, веќе се обезбедени нови учебници за седмо и осмо одделение, како и за прва и втора година во гимназиското образование.

За административно завршување на овие постапки, МОН донело решенија за повлекување на уште 108 учебници што претходно биле во употреба.

Од нив, 17 се за седмо одделение, 18 за осмо одделение, 35 за прва година и 38 за втора година во гимназиското образование.

Со тоа, вкупно 141 учебник се опфатени со најавеното повлекување и претходно донесените решенија, при што 33-те учебници за пониските одделенија треба да бидат заменети за учебната 2027/2028 година.

Поврзани содржини