📷 1.380 ЧАСА РАБОТА ЗА ФУСТАНОТ НА СЕЛИН ДИОН Сошиени 11.000 украси за да се врати изгледот од 1997 година

Селин Дион привлече внимание со раскошна креација на „Шанел“, за која биле потребни повеќе од 1.380 часа рачна работа. Фустанот е украсен со 6.000 камења и 5.000 монистра, а инспирацијата доаѓа од нејзиното легендарно појавување на Оскарите пред речиси 30 години.

178

Повеќе од 1.380 часа работа, 6.000 украсни камења и 5.000 монистра биле потребни за изработка на фустанот со кој Селин Дион блесна на еден од последните настапи од првиот дел на својата турнеја низ Франција. Раскошната креација на „Шанел“ е модерна интерпретација на фустанот што пејачката го носеше на доделувањето на Оскарите во 1997 година.

Новата креација е дело на Метју Блејзи, актуелниот креативен директор на француската модна куќа, кој инспирацијата ја пронашол во дизајнот на легендарниот Карл Лагерфелд.






Фустанот ги комбинира сребрената и длабоката темносина боја, со корсет во горниот дел, нагласени колкови и впечатлив изрез во средината.

Сепак, најголемото внимание го привлекуваат илјадниците украси, кои се рачно сошиени за креацијата да добие посебен сјај под сценските рефлектори.

Според „Вог“, за изработката биле потребни повеќе од 1.380 работни часа, а фустанот содржи 6.000 камења и 5.000 монистра.

 

 

View this post on Instagram

 

A post shared by CATWALKATS (@catwalkats)

Од „Шанел“ објасниле дека креацијата е целосно рачно изработена во ателјеата на познатата париска улица „Ру Камбон“, додека сложениот вез е дело на „Ателје Монтекс“.

Основата е направена од везен муслин што го обвиткува корсетот, а изрезот е дополнително украсен со рафија.

Кристалните украси и стаклените монистра создаваат светлосни ефекти при секое движење на пејачката.

Но, Дион не застанала само на фустанот. Целата комбинација ја надополнила со сребрен ѓердан во форма на ѕвезда што паѓа, уште еден детал што потсетува на нејзиниот изглед од 1997 година.

Тогаш, на доделувањето на Оскарите, пејачката носела накит на „Шанел“ изработен од платина и бело злато, украсен со дури 1.080 дијаманти со вкупна тежина поголема од 67 карати.

Токму поврзаноста со тоа појавување му дава посебно значење на новиот фустан.

 

 

View this post on Instagram

 

A post shared by CHANEL (@chanelofficial)

„Пред триесет години, на доделувањето на Оскарите, носев фустан од високата мода на ’Шанел‘. Ова не е сосема истиот фустан, туку нова интерпретација на тој изглед од црвениот килим. Кога го носам сега, се чувствувам како повторно да сум таму“, напишала Дион на Инстаграм.

Настапот на Оскарите во 1997 година останал запаметен и по музичко достигнување на канадската ѕвезда.

Таа тогаш станала првата изведувачка што настапила 2 пати во текот на истата церемонија.

Пред публиката ја испеала својата песна „Because You Loved Me“, а потоа извела и преработка на „I Finally Found Someone“, песната на Барбра Стрејсенд.

Речиси 30 години подоцна, Дион повторно го оживеала тој момент, овојпат преку креација во која се споени модната историја, рачната изработка и сценскиот гламур.

Поврзани содржини