📽️ РОБОТИ ЌЕ МЕСТАТ СОФРА, ЌЕ МИЈАТ САДОВИ, А НЕМА ДА МРЧАТ Кинезите ги учат да бидат домаќини за мерак
Во Кина се појави необична професија – тренер на роботи. За плата од 600 до 900 долари месечно, луѓето ги учат машините да диплат облека, да чистат и да извршуваат домашни работи. Но, до вистински самостоен роботски домаќин сè уште има многу работа.
Робот што ги мие садовите, ја дипли облеката и го чисти домот додека неговиот сопственик одмора. Тоа е иднината на која работи Кина, но за машините еден ден да можат самостојно да ги извршуваат овие задачи, денес им се потребни човечки учители.
Во земјата се вработуваат тренери на роботи, кои заработуваат меѓу 600 и 900 долари месечно. Нивната работа е необична: извршуваат секојдневни домашни задачи, додека специјална опрема ги следи и ги снима нивните движења.
Така се собираат податоци со кои роботите учат како човекот ги користи рацете, ги препознава предметите и ги поврзува движењата во една целина.
Наместо да добијат само наредба да ја соберат облеката, машините треба да научат како да ја препознаат, да ја подигнат и да ја пренесат од една просторија во друга.
Истото важи и за миењето садови и за чистењето. Она што за човекот е едноставна рутина, за роботот претставува низа сложени задачи што бараат координација, препознавање предмети и приспособување на околината.
За време на тестирањата, машините мора да покажат дека можат да извршат повеќе меѓусебно поврзани активности. Целта е научените движења да ги применуваат и кога предметите не се поставени на истото место или кога условите се менуваат.
Токму тука се појавува најголемиот проблем за инженерите.
Робот може успешно да изврши задача во контролирани услови, но вистинскиот дом е многу понепредвидлив. Облеката може да биде стуткана, предметите преместени, а просторот различен од оној во кој машината вежбала.
Затоа, и покрај напредокот, експертите предупредуваат дека целосно самостојното извршување домашни работи сè уште не е технолошки совладано.
Кинеските истражувачи настојуваат да ја намалат зависноста на роботите од човечка помош. За тоа им се потребни големи количества податоци од реални движења и ситуации.