ЛЕКАРИТЕ НЕ МОЖЕЛЕ ДА ПОВЕРУВААТ ДЕКА КРИСТА ПАЈК Е ЖИВА Итната помош чекала пред затворот, мислеле дека повикот е лажен
Новите снимки од 911 откриваат дека спасувачите речиси половина час се обидувале да утврдат дали навистина е потребна интервенција по неуспешната егзекуција. Додека службите се расправале околу повикот, адвокатката предупредувала дека осуденичката дише и итно ѝ е потребна помош.
Хаос, недоразбирања и сомневања дека повикот за помош е лажен ја одложиле интервенцијата на итната медицинска помош по неуспешното погубување на Криста Пајк во американската сојузна држава Тенеси.
Новообјавените снимки од повиците на 911 откриваат дека спасувачите речиси половина час не можеле да влезат во затворот, иако осуденичката ја преживеала смртоносната инјекција и ѝ била потребна итна медицинска помош.
Снимките, кои Асошиејтед прес ги добил преку барање за пристап до јавни информации, покажуваат дека затворските службеници и диспечерите не можеле да утврдат дали барањето за интервенција во комората за погубување е вистинско.
Педесетгодишната Пајк на 30 септември требаше да стане првата жена погубена во Тенеси по повеќе од 200 години. Таа беше осудена на смрт за убиството на 19-годишната Колин Слемер во 1995 година, но преживеа и по две дози од смртоносниот препарат.
Првиот повик на 911 бил упатен во 20:40 часот, нешто повеќе од еден час по почетокот на постапката за погубување. Меѓутоа, лицето што се јавило не можело да го соопшти потребниот код со кој службите требало да ја потврдат автентичноста на барањето.
Наместо веднаш да интервенираат, диспечерите почнале да проверуваат дали станува збор за вистински итен случај.
Во 21:03 часот, повеќе од 20 минути по првиот повик, еден од диспечерите соопштил дека според информациите на неговите претпоставени, барањето за помош е лажно.
„Според супервизорите овде во Одделот за итни комуникации, информирани сме дека станува збор за лажен повик. Не е потребна медицинска помош во затворот Ривербенд“, се слуша на снимката.
Конфузијата дополнително се продлабочила кога претставници на Централната контрола на затворот им рекле на диспечерите дека токму тие би требало да побараат итна помош, но дека не упатиле таков повик.
Во 21:07 часот, додека медицинските екипи чекале пред затворот, преку радиоврската се слушнало предупредување од еден од спасувачите.
– Некој е пред портата на затворот и ни кажува дека е вистинско и бара од нас да влеземе. Велат дека се некаков државен службеник. Ми треба некој да излезе до портата и да разговара со тие луѓе – рекол спасувачот.
Само една минута подоцна, во 21:08 часот, на 911 се јавила и адвокатката на Пајк, Кели Глисон, која се обидела да им објасни на службите што се случува во комората за погубување.
– Мојата клиентка, Криста Гејл Пајк, е подложена на државна егзекуција. Таа ги заврши фазите од протоколот и според она што го знаевме од адвокатот кој е присутен, таа е сè уште жива и дише и има потреба од итна нега за спасување на животот – рекла Глисон.
Дури во 21:11 часот, приближно 31 минута по првиот повик, Централната контрола на затворот потврдила дека барањето за медицинска интервенција е вистинско.
Дури тогаш на екипите на итната помош им било овозможено да поминат низ затворските порти.
Но хаосот не завршил со извлекувањето на Пајк од затворот.
Во 21:34 часот, додека медицинските лица ја превезувале во болница, еден од спасувачите побарал од диспечерите да проверат дали затворската управа воопшто знае каде ја носат пациентката.
– Само затоа што имаше толку многу други забуни, сакам да бидам сигурен дека се свесни за ова – рекол тој.
Одделот за итни комуникации во Нешвил објавил дел од аудиоснимките, со одредени редакции. Сепак, снимката од првиот повик на 911 не е објавена, бидејќи според полицијата е изземена од јавно објавување согласно законите на Тенеси.
Пајк во меѓувреме закрепнала во болница, а нејзините адвокати го опишале преживувањето на смртоносната инјекција како медицински случај без преседан.
Таа веќе е вратена во женскиот затвор во Нешвил, каде што поминала повеќе децении чекајќи го извршувањето на смртната казна.
Случајот предизвикал и последици во раководството на затворскиот систем. Комесарот на Одделот за корекции на Тенеси, Френк Страда, најавил дека ќе се повлече од функцијата во текот на октомври.
Гувернерот на Тенеси, Бил Ли, соопштил дека независна ревизија треба да утврди што точно се случило за време на неуспешната егзекуција.