11 ОКТОМВРИ НЕКА НЀ ПОТСЕТУВА ДА ЈА ЧУВАМЕ СЛОБОДАТА Честитка од Мицкоски за празникот
Нека овој 11 Октомври не биде само ден на сеќавање. Нека биде ден на нова одговорност. Одговорност да ја чуваме слободата, напиша премиерот Христијан Мицкоски во честитката по повод Денот на народното востание – 11 Октомври.
„Пред 85 години, во една од најтешките ноќи на нашата историја, имало луѓе кои не знаеле дали ќе го дочекаат утрото. Но, знаеле дека татковината мора да дочека подобро утро. Тие немале гаранција дека ќе победат. Немале сигурност дека ќе се вратат во своите домови. Немале можност да знаат како ќе изгледа светот што ќе го остават зад себе. Но, имале нешто посилно од стравот. Имале верба дека слободата вреди повеќе од сопствениот живот“, напиша Мицкоски на Фејсбук.
Нашите предци, додава премиерот во честитката, го направија она што во нивно време изгледало невозможно.
„Ја отворија вратата на слободата. Нашата должност е таа врата никогаш да не се затвори и низ неа да поминат генерации кои ќе живеат подобро, послободно и подостоинствено“, наведе тој.
Премиерот порача овој 11 Октомври да не биде само ден на сеќавање, туку одговорност да ја чуваме слободата.
„Затоа што слободата не е завршена приказна. Слободата е дело што секоја генерација мора да го продолжи. Честит 11 Октомври! Да е вечна Македонија!“, напиша Мицкоски на неговиот профил на Фејсбук.