📽️ ТРАМП БАРА НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УКРАИНА И УДРИ ПО ЗЕЛЕНСКИ Го обвини дека му создава проблеми на целиот свет
Трамп порача дека Украина треба да добие нов претседател и го предупреди Зеленски да престане со нападите врз руската нафтена инфраструктура. Киев, пак, го критикува договорот за испорака на руски дизел, предупредувајќи дека приходите ќе ѝ помогнат на Москва да ја продолжи војната.
Американскиот претседател Доналд Трамп отворено повика на промена на украинското раководство, оценувајќи дека е време Украина да добие нов претседател наместо Володимир Зеленски.
Трамп ја даде изјавата пред новинарите во Белата куќа, во период на зголемени тензии меѓу Вашингтон и Киев поради договорот на САД со Русија за испорака на дизел-гориво, пренесува „Асошиејтед прес“.
– Знаете што предлагам? Предлагам да добијат нов лидер кој би можел да склучи договор. Затоа што би можел да склучи многу договори, но од некоја причина никогаш не го прави тоа. Мислам дека е време Украина да добие нов претседател – рече Трамп.
Американскиот претседател го критикуваше Зеленски и поради украинските напади врз руските рафинерии, кои, според неговите тврдења, влијаеле врз глобалното снабдување со дизел.
Трамп го обвини украинскиот претседател дека со своите постапки им создава проблеми на други земји, вклучително и на САД.
– Тој сака да му создава проблеми на целиот свет. Сака да им создава проблеми на нашите земјоделци и сточари поради дизел-горивото, бидејќи Русија снабдува голем дел од светот со дизел – изјави Трамп.
Тој повтори дека ја предупредил Украина да не ја напаѓа руската нафтена инфраструктура.
– Им рековме: „Правете што сакате, но не напаѓајте го снабдувањето со дизел, бидејќи постои голем проблем, голем недостиг“. И што направи тој? Го нападна тоа – рече американскиот претседател.
На крајот, Трамп упати и директно предупредување до Зеленски.
– Подобро да престане – порача тој.
Trump: “Zelensky could have settled this war many times. And he chooses not to. He wants to make problems for the world…He better damn well stop.” https://t.co/9vB1W1usYx
— Republicans against Trump (@RpsAgainstTrump) October 10, 2026
Со овие изјави, Трамп повторно ја доведе во прашање подготвеноста на Зеленски да постигне договор со кој би завршила војната со Русија.
Изјавите на Трамп следуваат откако тој претходниот ден објави договор со рускиот претседател Владимир Путин за испорака на големи количества руски дизел на светскиот пазар.
Според најавата на Трамп, со оваа мерка Вашингтон се обидува да го ублажи растот на цените на горивата, кои дополнително се зголемиле поради војната со Иран.
Трамп најави дека Русија треба веднаш да испорача повеќе од 300.000 тони дизел, а потоа уште 500.000 тони во ноември и дополнителни еден милион тони по таа испорака. Најавени се и натамошни испораки.
Зеленски остро го критикуваше договорот, предупредувајќи дека дополнителните приходи од продажбата на руски енергенси ќе ѝ овозможат на Москва да продолжи да ја води војната.
– Денеска Русија се заблагодари за укинувањето на санкциите за извоз на дизел така што фрли пет наводни бомби врз станбени згради во Запорожје – напиша Зеленски на социјалната мрежа Икс.
Според „Асошиејтед прес“, повикувајќи се на украинските власти, најмалку 20 лица, меѓу кои и три деца, загинале во руските напади врз Запорожје.
Зеленски изјави дека Москва секое намалување на меѓународниот притисок го толкува како дозвола да продолжи со нападите врз украинските градови.