БЕН АФЛЕК ГИ ПОФАЛИ ДВЕТЕ БИВШИ СОПРУГИ, ПА СЕ ПОШЕГУВА НА СВОЈА СМЕТКА И Џенифер Лопез и Џенифер Гарнер завршија одлична работа во градењето на своите профили

Актерот има само пофални зборови за Џенифер Лопез и Џенифер Гарнер, а признава дека самиот не би знаел да го прави она што ним им успева на социјалните мрежи.

404

Бен Афлек ги пофали двете поранешни сопруги, Џенифер Лопез и Џенифер Гарнер, во интервју за „Варајети“, во кое зборуваше за нивниот успех во градењето личен бренд на социјалните мрежи. Актерот, кој моментално го промовира својот нов филм „Animals“, се пошегува дека самиот не би знаел како да се снајде во тој свет.

Афлек особено го истакна актерскиот талент на Лопез, со која беше во брак од 2022 до 2025 година. Тој беше еден од продуцентите на нејзиниот филм „Kiss of the Spider Woman“ од 2025 година, за кој дел од критичарите сметаа дека заслужила номинација за „Оскар“. Слични реакции имаше и за нејзината улога во филмот „Hustlers“ од 2019 година.






Запрашан зошто Лопез често не добива признанија за кои многумина сметаат дека ги заслужува, Афлек призна дека не е сосема непристрасен.

– Имам огромна почит и восхит за она што таа може да го направи – вели актерот, додавајќи дека наградите не се совпаѓаат секогаш со личниот вкус и дека филмската индустрија е субјективна.

Во истиот разговор, Афлек ја спомнал и својата прва сопруга, Џенифер Гарнер, со која има три деца – Вајолет, Фин и Семјуел. Говорејќи за сопствената продукциска компанија „Артистс Еквити“ и за тоа како уметниците денес заработуваат и надвор од својата основна професија, тој ги пофали двете Џенифер за начинот на кој го изградиле својот имиџ на социјалните мрежи.

– И Џенифер Лопез и Џенифер Гарнер завршија одлична работа во градењето на своите профили и претворањето на таа присутност во нешто вредно – вели Афлек.

Потоа се пошегувал на сопствена сметка:

– Немојте да мислите дека тоа не е вистинска работа. Јас не би знаел да го правам тоа. Што би требало да правам, да снимам видеа во кои отворам пакети?

Освен за поранешните сопруги, актерот зборувал и за татковството. Тој и Гарнер делат старателство над трите деца, а Афлек објасни дека токму семејството е една од причините поради кои сака да остане во Лос Анџелес, наместо да прифаќа долготрајни снимања далеку од дома.

– Разведен сум и го делиме старателството над децата. Не сакам да ги пропуштам овие години од нивното растење. Децата ми се тука, а времето брзо минува – вели тој.

Афлек додал дека е свесен оти нема секој можност да избира каде ќе работи, но дека е благодарен што може да остане блиску до своите деца. Според него, Лос Анџелес и понатаму е дом на голем број од најдобрите филмски професионалци во светот.

Поврзани содржини