РОБЕРТ ВАГНЕР СПОДЕЛИ РЕТКА ФОТОГРАФИЈА СО ПОСВОЕНАТА ЌЕРКА Актерот ѝ упати на Наташа Грегсон Вагнер емотивна честитка за нејзиниот роденден

Роберт Вагнер сподели ретка фотографија со ќерката Наташа Грегсон Вагнер за нејзиниот 56. роденден. Таа е ќерка на покојната Натали Вуд, а актерот ја посвои по смртта на мајка ѝ.

63

Холивудскиот актер Роберт Вагнер (96) ѝ го честиташе 56. роденден на својата ќерка Наташа Грегсон Вагнер со ретка заедничка фотографија и топла порака на Инстаграм.

– Ве молам, придружете ми се во честитките за роденденот на мојата прекрасна ќерка Наташа. Џил и јас сме многу горди на жената во која израсна и на радоста, смеата и љубовта што ги внесува во нашите животи. Те сакаме и ти посакуваме најсреќен роденден – напиша актерот, мислејќи на сопругата Џил Сент Џон.






 

View this post on Instagram

 

A post shared by Robert Wagner (@robertwagnerofficial)

Наташа наполни 56 години на 29 септември, а фотографијата што ја објави нејзиниот татко предизвика внимание и поради нејзината впечатлива сличност со мајка ѝ, легендарната актерка Натали Вуд.

Наташа е родена во 1970 година во бракот на Вуд со британскиот филмски продуцент Ричард Грегсон. Нејзината мајка претходно била во брак со Вагнер, со кого повторно се омажила во 1972 година. Од тој брак ја добиле ќерката Кортни.

Кога Натали Вуд почина во 1981 година, на 43-годишна возраст, Вагнер законски ја посвои Наташа. Актерката се удави во водите кај островот Каталина во Калифорнија, а околностите на нејзината смрт со децении беа предмет на јавен интерес.

Иако Роберт не ѝ е биолошки татко, Наташа во повеќе наврати зборувала за блискоста меѓу нив. Таа открила дека по смртта на мајка ѝ, нејзиниот биолошки татко Ричард Грегсон и Вагнер заеднички се грижеле за неа и ѝ помогнале да го преброди тешкиот период.

– Имав среќа што имав двајца татковци кои беа посветени на тоа да ме воспитуваат и да ми помагаат – изјавила таа во разговор за магазинот „Пипл“ во 2016 година.

Наташа неодамна повторно зборувала за нивната врска, истакнувајќи дека Вагнер е постојано присуство во нејзиниот живот и во животот на нејзината ќерка. Таа открила и дека актерот бил покрај неа во родилната сала кога се породила.

Роберт Вагнер, познат по сериите „Hart to Hart“ и филмовите „Austin Powers“, е во брак со актерката Џил Сент Џон од 1990 година. Освен Наташа и Кортни, има и ќерка Кејти од претходниот брак со актерката Мерион Маршал.

Поврзани содржини