ВЛАДАТА БАРА ЈАСНИ ГАРАНЦИИ ДЕКА НЕМА ДА ИМА НОВО ВЕТО Бугарија праќа мешани пораки за идејата ЕУ да учествува во преговорите
Единствено што во овој момент очекуваме е одредена гаранција што треба да ја добијат граѓаните, а не јас како политичар, дека нема да има друго вето, вели премиерот порачувајќи дека токму затоа Владата предложила уставните измени да имаат одложено дејство. Мицкоски зборуваше и за фактот дека Бугарија испраќа противречни пораки за идејата во преговорите да учествува и Европската Унија.
Бугарија ја упатува Македонија да го решава проблемот со уставните измени во Брисел, но кога македонската Влада ќе предложи разговори со Европската Унија, Софија повторно бара договорот да се постигне со неа, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Во интервју за телевизијата Алсат, тој оцени дека ваквите противречни пораки го отежнуваат излезот од евроинтеграциската блокада и повтори дека нема да прифати уставни измени без гаранции за граѓаните дека нема да следуваат нови вета.
Владата, како што рече, веќе понудила решение со кое измените би стапиле во сила по завршувањето на пристапните преговори, но засега нема согласност за таквиот предлог.
Мицкоски нагласи дека македонската страна постојано нуди решенија, но дека од Бугарија нема подготвеност тие да бидат разгледани.
– Од другата страна, зборувам за нашиот источен сосед, за жал, нема желба за каков било напредок кога станува збор за тие решенија, да седнеме да ги разгледаме, да ги анализираме и да разговараме – рече премиерот.
Тој објасни дека токму затоа бара Европската комисија и Европската Унија поактивно да се вклучат во разговорите.
Според Мицкоски, бугарската страна од една страна тврди дека станува збор за прашање меѓу Македонија и ЕУ, а од друга страна инсистира Скопје да се договори со Софија.
– Ние велиме, во ред, тогаш оставете нè со Брисел да се договориме. И кога тоа им го велиме, велат не, треба со нас да седнете. Сме во чудна ситуација бидејќи од една страна пораката е да седнеме со Брисел, а од друга страна дека треба со нив да се договориме – изјави Мицкоски.
Премиерот смета дека ваквата состојба дополнително го усложнува процесот, особено поради, како што рече, погрешните одлуки донесени во минатото.
– Кога еден ќе направи катастрофална грешка, сто упорни и паметни многу потешко ќе ја поправат отколку што еден ќе ја направи – рече тој.
Мицкоски повтори дека ставот на Владата за уставните измени останува непроменет, но нагласи дека тоа не е последица на тврдоглавост.
Според него, Македонија веќе направила доволно отстапки на европскиот пат и сега е неопходно граѓаните да добијат гаранции дека нема да бидат соочени со нови блокади.
– Единствено што во овој момент очекуваме е одредена гаранција што треба да ја добијат граѓаните, а не јас како политичар, дека нема да има друго вето – порача премиерот.
Тој нагласи дека проблемот не е самото внесување на Бугарите во македонскиот Устав, туку можноста во текот на пристапните преговори да се појават дополнителни условувања.
Токму затоа Владата предложила уставните измени да имаат одложено дејство, односно да стапат во сила дури по завршувањето на преговорите за членство во Европската Унија.
– За нас не претставува проблем да се вметнат Бугарите во Уставот, туку проблем претставува условувањето понатаму во преговарањето за пристапување кон ЕУ. Затоа понудивме решение со одложено дејство, односно кога ќе го завршиме процесот на преговори, тоа да стане ефективно – објасни Мицкоски.
Според него, неприфаќањето на ваквиот предлог е сигнал дека уставните измени можеби нема да бидат последното барање кон Македонија.
Премиерот предупреди дека Владата нема да се откаже од разговорите, но и дека нема да преземе чекор без јасна претстава за неговите последици.
– Никогаш нема да влезам во авантура во која јасно нема да го видам крајот, а сега не само што не го гледам јасно крајот, туку напротив, тој станува сè помагловит и помагловит – рече Мицкоски.
Тој додаде дека разговорите ќе продолжат бидејќи барањето решенија преку дијалог е суштината на демократијата.
Во поширокиот контекст на евроинтеграциите, премиерот претходно во истото интервју оцени дека претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ги пофалила реформите што ги спроведува Владата, но призна дека не е задоволен од динамиката на пристапниот процес.
И покрај позитивните оценки за реформите, уставните измени остануваат услов за понатамошно напредување, а македонската Влада инсистира на гаранции дека нивното спроведување нема да отвори простор за нови блокади.