ЛОКАЦИЈАТА ЗА ДАТА-ЦЕНТАРОТ Е ИЗБРАНА, КАМЕН ТЕМЕЛНИК ДОГОДИНА Поплавата во „Нова Македонија“ покажа колку ни е потребен

Министерот Стефан Андоновски најави дека парцелата за центарот веќе е утврдена, но сè уште се бара финансиер. По неодамнешната поплава и прекинот на струјата во зградата на поранешна „Нова Македонија“, државните сервери морале итно да бидат преместени за да се спречи прекин на електронските услуги.

816

Камен-темелникот на националниот центар за податоци би можел да биде поставен во 2027 година, а локацијата за неговата изградба веќе е избрана, најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

Државата сè уште бара меѓународен финансиер и работи на урбанистичката документација, додека неодамнешната поплава во зградата на поранешна „Нова Македонија“ покажа колку се ранливи постојните државни сервери и електронските услуги за граѓаните.






Андоновски во Дневникот на Македонската радио-телевизија изјави дека Министерството за дигитална трансформација е во постојана комуникација со Министерството за транспорт за подготовка на проектот.

– Ја утврдивме локацијата, точно ја знаеме парцелата. Сега ќе работиме на нејзино урбанизирање, поврзување, за да може да аплицираме. Активно бараме извори на финансирање кај нашите меѓународни партнери – рече Андоновски.

Тој објасни дека проектот ќе биде претставен пред јавноста откако ќе бидат исполнети два клучни услова, односно ќе биде подготвен урбанистички проект за избраната локација и ќе биде обезбедено финансирање.

Пред почетокот на изградбата ќе бидат изработени и студија за влијанието врз животната средина и социјална студија.

Потребата од современ национален центар за податоци, според министерот, особено дошла до израз по неодамнешната поплава и прекинот на електричната енергија во зградата на поранешна „Нова Македонија“.

Во објектот, покрај неколку министерства, се наоѓала и опрема поврзана со Министерството за дигитална трансформација и со националниот портал за електронски услуги.

По инцидентот, серверите биле преместени на новата локација на Министерството за да се избегне прекин на услугите за граѓаните.

– Вакви случаи, кога несоодветно се чува опремата, кога нема доволно осигурување, обезбедување и струја, може да се случуваат постојано на критични системи во државата. Имавме среќа што ние сме подготвени како Министерство, веднаш реагиравме, но не можам да гарантирам дека секоја институција во државата е подготвена на ист начин да реагира – предупреди Андоновски.

Националниот центар за податоци треба да обезбеди посигурно функционирање на државните дигитални системи, со резервно напојување, батерии и агрегати што би спречувале прекини при слични инциденти.

– Кога имаме национален податочен центар, тоа е обврска на една институција да се грижи. Таа има протоколи, начин на постапување и нема да дозволи вакви работи да направат прекин во критичната инфраструктура – објасни министерот.

Паралелно со државниот проект, се разговара и со странски инвеститори заинтересирани за изградба на приватни центри за податоци во Македонија.

Според Андоновски, веќе се разгледуваат неколку потенцијални локации, но засега нема конкретен инвестициски проект што би можел јавно да биде претставен.

Најавена е и конференција со приватниот сектор, на која домашните компании ќе ги претстават своите можности за учество во вакви инвестиции, од изградба и одржување до електроенергетска инфраструктура и поврзување.

Министерот најави и дека до крајот на годинава се очекува финална верзија на националната стратегија за вештачка интелигенција, а во 2027 година се планира донесување закон за нејзина употреба.

Поврзани содржини