ХРВАТСКА, ШВАЈЦАРИЈА И РОМАНИЈА ПРИФАТИЛЕ РЕШЕНИЈА ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ПРЕВОЗНИЦИ Николоски најави разговори и со Бугарија и со Грција
Владата бара поединечни решенија со земјите од Шенген-зоната за да им го олесни работењето на професионалните возачи. Министерот за транспорт вели дека проблемот е во бавната европска бирократија, а не во намерен обид да се потиснат балканските превозници.
Македонија постигнала билатерални договори и решенија со Хрватска, со Швајцарија и со Романија за олеснување на движењето на професионалните возачи, а преговорите продолжуваат и со други европски земји.
Со Бугарија и со Грција се разговара за можноста превозниците што влегуваат и излегуваат во ист ден да не подлежат на регистрација, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Гостувајќи во поткастот „Каде се парите? со Горан Теменугов“, Николоски објасни дека засега нема единствено решение за проблемите на македонските превозници во Шенген-зоната, поради што Владата преговара со државите поединечно.
– Склучивме билатерален договор со Хрватска, потоа потврди Швајцарија, а во финална фаза сме со одредени други држави. Со Романија потпишавме да се даваат дозволи, а не визи – рече Николоски.
Тој нагласи дека различните држави прифаќаат различни решенија, во зависност од сопствените процедури и од потребите на транспортниот сектор.
Разговорите со Бугарија и со Грција се насочени кон превозниците што реализираат кратки транспортни операции, со влез и со излез од земјата во ист ден.
Според Николоски, целта е тие возачи да бидат ослободени од регистрацијата за која во моментов се разговара со двете земји.
Министерот оцени дека проблемот не произлегува од намерна политика против балканските превозници, туку од бирократски систем што премногу бавно ги менува правилата.
– Мислам дека се работи за обична бирократска процедура и за бирократизиран систем на носење одлуки, кој е пребавен и на кој му е тешко да се смени – изјави Николоски.
Тој предупреди дека последиците не ги чувствуваат само транспортните компании од земјите надвор од Шенген-зоната, туку и европските инвеститори што зависат од нивните услуги.
Според неговите податоци, повеќе од 87 отсто од странските директни инвестиции во Македонија потекнуваат од Европската Унија, а компаниите не можат лесно да најдат алтернативни начини за транспорт.
Николоски ја отфрли можноста дека ограничувањата се дел од поширок план за истиснување на балканските превозници од европскиот пазар.
– Да беше ова некој голем план, чија цел е да се уништат балканските превозници и бизнисот да го земат други превозници, ќе го видевме. Нема таква работа – рече министерот.
Тој смета дека европската бирократија тешко се приспособува на новите околности, иако постојните ограничувања создаваат проблеми и за компаниите во самата Европска Унија.
Министерството за транспорт најавува продолжување на билатералните разговори, со цел македонските професионални возачи полесно да се движат и да работат на европските транспортни коридори.