НЕ СЕ ТИЕ АЛТЕРНАТИВАТА, ТИЕ ЈА ВИТКАА КИЧМАТА Седум години СДСМ ја ограбуваше Македонија, а сега сака победа
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ ја обвини опозицијата дека ја ограбувала и ја распродавала Македонија, потсетувајќи на модуларната болница, „марихуана-економијата“ и забавите во кабинетите. Мицкоски на митингот во Милетино повика на обединување зад кандидатот Стојанчо Радичевски на изборите на 18 октомври.
Опозицијата не е алтернатива за Македонија, туку политичка структура која седум години ја ограбувала државата, ја понижувала и ја распродавала со „свиткана кичма“, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски на предизборниот митинг во Милетино.
Тој ја обвини претходната власт дека заборавила на скандалите со модуларната болница, „марихуана-економијата“ и забавите во владините кабинети, а истовремено побара масовна поддршка за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ на изборите за градоначалник на Брвеница, закажани за 18 октомври.
Мицкоски оцени дека опозициските претставници денес се обидуваат повторно да се претстават како политичка алтернатива, иако, според него, граѓаните добро го паметат нивното владеење.
– Седум години ја ограбуваа, ја распродаваа и ја уништуваа Македонија. Како да овие луѓе заборавиле дека до пред две ипол или три години беа понижувани преку партии фудбалчиња и баскет-партии во кабинетите и беа верни слуги на оние што владееја со нив – рече Мицкоски.
Тој ја спомена и трагедијата во модуларната болница, како и, според неговите зборови, „марихуана-економијата“, обвинувајќи ја опозицијата дека се однесува како тие настани никогаш да не се случиле.
– Како да заборавиле на модуларната болница, како да заборавиле на „Стабри“ и на „марихуана-економијата“. И денеска се тука пред вас, ви кажуваат како тие биле опцијата и како ќе му нанеле удар на идниот градоначалник Стојанчо Радичевски – изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Особено остри беа неговите пораки за политичките отстапки што, според него, ги правела претходната власт.
– Не се тие алтернативата. Тие се луѓето што ја ограбија и ја уништија Македонија. Зарем сакаме тие времиња да се вратат, кога понижени, со свиткана кичма, потпишуваа бели листови хартија, распродавајќи ја државата и истовремено полнејќи ги своите џебови? – праша Мицкоски.
Тој ја обвини СДСМ дека во седумте години на власт не покажала доволно интерес за секојдневните проблеми на граѓаните и за потребите на локалните заедници.
– Единствено нешто за кое се грижеа беше нивниот паричник, нивниот удобен живот, дебелите персиски килими, кожните фотелји и што е можно повеќе да украдат од вас, граѓаните – рече Мицкоски.
Во обраќањето Мицкоски се осврна на претстојните предвремени локални избори во Брвеница, повикувајќи ги граѓаните да се обединат зад кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата.
Тој порача дека поддршката што ја гледа на митингот во Милетино му дава уверување дека победата на 18 октомври е достижна.
– Доколку ние, луѓето што ја сакаме Брвеница и ја сакаме Македонија, се обединиме, како што вечерва можам да го видам ова обединување и оваа недвосмислена поддршка, тогаш нема невозможна работа – рече Мицкоски.
Според него, политичката конкуренција на изборите е јасна, а кандидатот Стојанчо ја има целосната поддршка од партиското раководство.
– Тоа што некои мислат дека е невозможно, е возможно и победуваме на 18 октомври. Јасен е профилот, јасна е конкуренцијата и јасен е победникот на овие предвремени локални избори – порача Мицкоски.
Кандидатот за градоначалник на општина Брвеница од ВМРО-ДПМНЕ, Стојанчо Радичевски, имаше свое обраќање пред присутните на митинг во Милетино при што ја претстави својата визија и дел од проектите предвидени во програмата за развој на општината.