📽️ ХАОС НА МИТИНГОТ НА ТРАМП ВО ТЕКСАС, ДЕМОНСТРАНТИТЕ ГО ПРЕКИНУВАА „Мајка му гласала за мене“, се потсмеваше претседателот
На митингот во Сан Антонио најмалку шест демонстранти го прекинале американскиот претседател, а еден бил физички нападнат додека ја напуштал салата. Трамп истовремено води кампања за републиканскиот кандидат Кен Пакстон, кој заостанува зад демократскиот противкандидат во една од анкетите.
Најновиот предизборен митинг на американскиот претседател Доналд Трамп вчера беше обележан со чести протести и прекини, додека тој ги повикуваше гласачите да му дадат поддршка на Кен Пакстон, кандидат за Сенатот кој се наоѓа под силен притисок.
Најмалку шест демонстранти го прекинале претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) за време на говорот во Сан Антонио, по што полицијата ги изнела од салата. Еден од нив бил физички нападнат од постар приврзаник на Трамп додека се обидувал да ја напушти салата.
Трамп за момент се оддалечил од микрофонот кога се чинело дека еден демонстрант се приближува до бината.
– Се враќа дома кај мајка си. Но, она што не го знае е дека неговата мајка гласала за Трамп – рекол претседателот откако мажот бил отстранет од салата.
Приврзаниците на Трамп, кои мавтале со каубојски шешири и извикувале САД, ги надвикале дел од демонстрантите. Трамп од бината им порачал дека „губат и треба да си одат одовде“.
Тој им се потсмевал на нивниот изглед и, без да приложи докази, тврдел дека „ги плаќаат непријателите на нашата нација“.
Претседателот го искористил митингот во средата и за да се осврне на своите неодамнешни изјави во кои навести дека Иран би можел да ги уништи Лос Анџелес или Сан Диего. Овие коментари наидоа на остри критики од демократите.
– Реков пред некој ден: нека истрелаат ракета кон Сан Диего или Лос Анџелес додека се на пат. Нека погодат… Сакате да видите ужас? Сакате да видите проблеми? Нека го погодат Сан Диего. Нека го погодат Лос Анџелес, па ќе видите како се случуваат лоши работи. Ќе видевте земја во целосен колапс. Нема да дозволиме тоа да се случи. Ќе ги штитиме нашите градови, ќе ја штитиме нашата земја и нема да го дозволиме тоа. А тие би го искористиле тоа, и тоа како би го искористиле – рекол Трамп.
Битката за Сенатот се префрла во Тексас
Ова беше третата посета на Трамп на Тексас за помалку од еден месец, во време кога републиканците вложуваат огромни средства во изборни трки за кои очекуваа дека лесно ќе ги добијат на ноемвриските меѓуизбори.
Пакстон, кого Трамп го поддржа на републиканските внатрепартиски избори откако му ја откажа поддршката на долгогодишниот сенатор Џон Корнин, излезе на бината на покана на претседателот и му се заблагодари за поддршката.
Борбата на републиканците да ја задржат контролата врз Сенатот сè повеќе се фокусира на Тексас, каде што демократот Џејмс Таларико се наметнува како сериозна закана.
Анкетата на весникот „Њујорк тајмс“ и колеџот Сиена, објавена минатиот викенд, покажува дека Таларико води пред Пакстон со 51 наспроти 45 отсто од гласовите кај гласачите кои веќе се определиле за кого ќе гласаат. Тексас, инаку, нема избрано демократ за сенатор уште од 1988 година.
Трамп победи во оваа сојузна држава на изборите во 2024 година со предност од речиси 14 процентни поени, но неговиот рејтинг оттогаш нагло опадна.
Истражувањето на агенцијата „Ројтерс“ и „Ипсос“, завршено во понеделникот, покажува дека поддршката за претседателот изнесува само 32 отсто. Во меѓувреме, регистрираните гласачи им даваат предност на демократите пред републиканците – 44 наспроти 37 отсто.