ТРАГЕДИЈА ВО БЛИЗИНА НА КРАЛСКИОТ ИМОТ Убиена е лекарката на кралицата Камила, а нејзиниот сопруг заврши зад решетки
Британската јавност ја шокираше смртта на докторката која се грижела за кралицата Камила и за други членови на кралското семејство, а особено потресува фактот што за нејзиното убиство е обвинет човекот кој ѝ бил најблизок.
Британската јавност ја потресе веста за смртта на 45-годишната докторка Хана Кејн (45), која со години се грижела за здравјето на кралицата Камила и на други членови на кралското семејство. Хана била пронајдена мртва во својот дом, а за нејзиното убиство е обвинет нејзиниот сопруг Марк Кејн.
Докторката која работела како матичен лекар и била дел од групата лекари достапни за членовите на британското кралско семејство, била пронајдена мртва во неделата во семејниот дом во Дерсингам, Норфолк. Според британските медиуми, таа во повеќе наврати ја лекувала и кралицата Камила за време на нејзините престои во Сандрингам.
Нејзиниот дом се наоѓал на само околу 1,6 километри од кралскиот имот Сандрингам, каде што кралот Чарлс и Камила престојуваат во одредени периоди од годината. Кралот и кралицата биле информирани за нејзината смрт.
Особено потресно е што трагедијата се случила додека докторката организирала преспивање за своите три деца и нивни пријатели. Во куќата во моментот на настанот имало повеќе деца. Итната помош била повикана околу 2:25 часот наутро во неделата, а Тери била пронајдена без свест и без знаци на дишење во спалната соба на катот.
Првичните наоди од обдукцијата покажале дека 45-годишната лекарка имала повреда од тап предмет на десната страна од главата, како и повреда која може да укажува на притисок врз вратот. Полицијата сè уште не соопштила мотив за злосторството.
Нејзиниот сопруг Марк Кејн (45), директор во енергетска компанија, бил уапсен и обвинет за убиство. На сослушувањето не се изјаснил за вината и му бил одреден притвор. Истрагата е во рана фаза, а полицијата се обидува да ги утврди точните околности во кои починала докторката.
Пријатели на Хана изјавиле дека во деновите пред смртта забележале дека била под стрес и делувала отсутно, што, според нив, не било вообичаено за неа. Нејзините колеги и пациенти се во шок по веста за нејзината смрт.
– Беше прекрасна лекарка и прекрасна личност, навистина топла и грижлива. Многу ѝ беше важно семејството – изјавила Џули-Ен Рејнер, клиничка администраторка која со години работела со Хана. Таа додала дека сите се целосно шокирани и дека најмногу мислат на трите момчиња на докторката.
Нејзиното семејство побарало јавноста да ја почитува нивната приватност во овие тешки моменти, опишувајќи ја Хана како љубезна, дарежлива и полна со љубов мајка, ќерка, сестра, тетка, снаа и пријателка, како и лекарка која била исклучително посветена на своите пациенти.
Полицијата соопшти дека истрагата продолжува и ги повика сите кои располагаат со информации што би можеле да помогнат да се јават кај надлежните.