УСПЕШНО ИЗВЕДЕНИ 9 РОБОТСКИ ИНТЕРВЕНЦИИ ВО „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ Следната година се планираат до 120 роботски асистирани операции

Со инвестицијата во современиот роботски систем MedBot Toumai®, „Аџибадем Систина“ стана единствен центар за роботска хирургија од ваков тип во Македонија, Косово и Албанија, кој располага со стручен и специјализиран обучен тим за изведување и на најкомплексни роботски асистирани интервенции.

94

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ досега успешно изведе девет роботски асистирани хируршки интервенции од областа на урологијата и гинекологијата, продолжувајќи го развојот на роботската хирургија како нов стандард во минимално инвазивно хируршко лекување. До крајот на годината, планирано е да се изведат вкупно 20 роботски интервенции, а примената на оваа технологија ќе се прошири и во детската, абдоминалната и торакалната хирургија.

Со инвестицијата во современиот роботски систем MedBot Toumai®, „Аџибадем Систина“ стана единствен центар за роботска хирургија од ваков тип во Македонија, Косово и Албанија, кој располага со стручен и специјализиран обучен тим за изведување и на најкомплексни роботски асистирани интервенции.






– Горди сме што сме пионери во развојот на роботската хирургија во земјава и регионот и што успеавме да го подигнеме стандардот за хируршко лекување. За пациентите, роботски асистираниот минимално инвазивен пристап носи повеќе придобивки како што се: помали оперативни резови, помала загуба на крв и постоперативна болка, намален ризик од компликации, пократок престој во болница и побрзо враќање на секојдневните активности. Продолжуваме со континуирана едукација и усовршување на ова поле, со цел да им овозможиме на пациентите најсовремен третман и грижа – изјави проф. д-р Сотир Ставридис, специјалист по урологија.

Првата роботски асистирана операција во „Аџибадем Систина“ беше извршена во јули годинава, кога уролошкиот тим успешно изведе радикална простатектомија со лимфаденектомија, комплексна интервенција за третман на карцином на простатата. Развојот продолжи со примена на роботската технологија и во хирургијата на бубрегот, при што уролошкиот тим првпат во Македонија изведе роботски асистирана нефректомија кај пациентка со комплексен тумор на бубрег. Покрај уролошките процедури на простата и бубрег, успешно беа изведени и роботски асистирани гинеколошки интервенции, лапароскопски хистеректомии со лимфаденектомии кај пациентки со бенигни и малигни тумори на матката.

Развојниот план продолжува и во следната година, кога во Центарот за роботска хирургија во „Аџибадем Систина“ се планира да бидат изведени од 100 до 120 роботски асистирани операции.

Роботскиот систем Toumai® е еден од најсовремените роботски системи во медицината. Toj овозможува тридимензионална визуализација со висока резолуција, повеќекратно зголемување на оперативното поле и исклучително прецизни и стабилни движења на инструментите. Ваквиот пристап овозможува висока прецизност и при интервенции во анатомски тешко достапни региони, со можност за максимално зачувување на околните нерви, крвни садови и ткива.

Со континуирана едукација на медицинските тимови, воведување нови процедури и стекнување дополнително клиничко искуство, целта е роботската хирургија да стане значаен дел од современата хируршка практика во болницата.

 

Поврзани содржини