ПОРАДИ РАКОТ ОСЛАБЕЛ 18 КГ И ПОМИНАЛ НИЗ ПЕКОЛ Мајкл Даглас открива досега непознати детали од неговата најголема битка
Актерот во новите мемоари открива како изгубил 18 килограми за време на седумнеделното лекување, како болеста влијаела врз неговите деца и како неговиот татко Кирк Даглас дошол во болница облечен како кловн
Мајкл Даглас (82) во своите нови мемоари „One Helluva Ride“ открива потресни детали од најтешкиот период во својот живот – борбата со рак на грлото во четврти стадиум, кој му бил дијагностициран во август 2010 година.
Актерот поминал низ седум недели зрачење и хемотерапија, а лекувањето било толку исцрпувачко што изгубил околу 18 килограми. Тој целиот период го опишал како „седум круга на пеколот“.
– На почетокот болката беше силна, но поднослива, но до третата недела се најдов во сериозни проблеми – се присетил Даглас во мемоарите.
Веќе по четири недели од лекувањето бил блед, исцрпен и значително ослабен, а и најобичните секојдневни обврски му претставувале огромен напор. Сепак, се обидувал да ја задржи секојдневната рутина поради своите деца – синот Дилан и ќерката Керис, кои ги има со сопругата Кетрин Зета-Џонс.
Особено му било важно секој ден да ја носи Керис на училиште. Но, тоа толку го исцрпувало што по враќањето дома морал остатокот од денот да го поминува лежејќи на каучот.
– Тој кауч стана мојот стол, мојата работна маса, мојата маса за јадење, мојот кревет, мојот појас за спасување на морето од целосна исцрпеност – напишал актерот.
Болеста не го погодила само него. Децата во тоа време наидувале на драматични написи во медиумите во кои се тврдeло дека нивниот татко е на смртна постела.
– Децата беа премлади за да разберат како функционираат тие списанија, па сето тоа за нив беше трауматично – открил Даглас.
Во најтешките денови покрај него биле членовите на семејството. Посебно место во неговите сеќавања има неговиот татко, легендарниот актер Кирк Даглас.
Иако и самиот бил загрижен за здравјето на синот, Кирк се обидувал да остане силен и да го развесели. Еден момент од тој период Мајкл никогаш нема да го заборави.
За Ноќта на вештерките, Кирк Даглас дошол во болницата облечен како кловн, само за да го насмее својот син.
– Во тој момент тоа беше најдобриот подарок што можеше да ми го даде – се присетил Мајкл.
По седум недели исцрпувачко лекување конечно стигнала веста што ја чекал. Лекарите му кажале дека ракот е во ремисија.
Но, наместо само олеснување, Даглас бил преплавен со емоции.
– Почнав да плачам – открил тој.
Признава дека болеста целосно му го променила погледот кон животот.
– Да кажам дека ракот ме направи поскромен би било премалку. Ме направи поблагодарен за сè што имам во животот – напишал актерот.
Даглас вели дека по болеста имал чувство како повторно да се родил.
– Тешко е да се зборува за тоа, но се чувствував како повторно да сум роден. Ми се променија приоритетите. Ракот ми покажа што значи семејството. Ми овозможи да почувствувам љубов за која не ни знаев дека навистина постои – открил тој.
Искуството го натерало поинаку да гледа и на времето што го има на располагање.
– Сè почнав да гледам малку појасно и посветло и станав многу посвесен за начинот на кој го поминувам времето – напишал Даглас.
Актерот претходно откри дека неговиот рак бил поврзан со ХПВ – хуман папиломавирус, кој може да се пренесе и преку сексуален контакт, вклучително и преку орален секс.
Денес, Даглас на искуството гледа како на пресвртница по која неговиот живот повеќе не бил ист. Наместо кариерата и амбициите да бидат во центарот, семејството и начинот на кој го користи времето добиле сосема ново значење.
Неговите нови мемоари „One Helluva Ride“ носат токму таков личен поглед кон животот – од детството и сложениот однос со неговиот татко Кирк, преку холивудската кариера, па сè до најтешките лични моменти.