МАКЕДОНИЈА СО ПОВИСОК УДЕЛ НА РАБОТОСПОСОБНИ ОД ЕУ Полошкиот Регион е на врвот, а во Скопје има најмалку
Податоците на Евростат покажуваат дека 59,5 отсто од населението во Македонија е на возраст од 20 до 64 години, наспроти 58,3 отсто во ЕУ. Најголем удел меѓу осумте плански региони има Полошкиот, а најмал Скопскиот.
Македонија е над европскиот просек според уделот на работоспособното население. Во земјава 59,5 отсто од населението е на возраст од 20 до 64 години, додека во Европската Унија овој удел изнесува 58,3 отсто, покажуваат податоците на Евростат.
Меѓу осумте плански региони во Македонија, најголем удел на население во работоспособна возраст има Полошкиот Регион, со 61,6 отсто, а најмал Скопскиот Регион, со 58,3 отсто.
Во Европската Унија, пак, најголем удел на работоспособно население има во 22 региони во Германија, каде што тој достигнува 63 отсто, како и во неколку региони во Данска и во островските региони на Шпанија.
Спротивно на тоа, во 189 региони во ЕУ населението на работоспособна возраст сочинува помалку од 55 отсто од вкупното население.
Овие региони главно се рурални и ги опфаќаат внатрешноста на Португалија, големи делови од рурална Франција, поголемиот дел од источна Германија, како и руралните подрачја во Бугарија, Грција и нордиските земји.