СИЛНА СОНЧЕВА БУРА СЕ ДВИЖИ КОН ЗЕМЈАТА Во петок се можни пречки во радиокомуникациите

Облак од сончева плазма е насочен кон Земјата, а моделите предвидуваат можност за умерена геомагнетна бура со пречки во радиокомуникациите, сателитите и навигациските сигнали.

97

Силна сончева ерупција исфрли облак од плазма кон Земјата, а неговото пристигнување се очекува во петок, 9 октомври.

Настанот е поврзан со активниот регион 4549 на Сонцето и коронална масовна ејекција(CME), чија компонента е насочена кон нашата планета.






Моделите на NASA предвидуваат пристигнување на главниот бран во петок, со можен Kp индекс меѓу 4 и 6. Други модели исто така го ставаат пристигнувањето во петок, јави НАСА.

Според проценките, бурата би можела да достигне ниво G2, односно умерена геомагнетна бура.

Скалата за геомагнетни бури се движи од G1 до G5, при што G5 означува екстремен настан.

Облакот од наелектризирани честички бил исфрлен на 6 октомври. NASA моделот ја проценува неговата брзина на околу 570 километри во секунда.

Симулациите покажуваат дека ударот во Земјиното магнетно поле може да пристигне во раните часови во петок, иако точниот момент може да отстапува за неколку часа.

Умерена геомагнетна бура може да предизвика технички ефекти, особено на повисоките географски широчини.

Можни се напонски предупредувања во електроенергетските системи, а операторите на сателити може да имаат потреба од корекции поради променетите услови во орбитата.

Пречки може да се појават и кај високофреквентните радиокомуникации и сателитската навигација.

За луѓето на површината на Земјата ваквиот настан не претставува директна опасност, бидејќи атмосферата и магнетното поле ја штитат планетата од сончевите честички.

Геомагнетните бури можат да донесат и далеку поатрактивна последица – поларната светлина да се појави појужно од вообичаеното.

При ниво G2 најдобри услови за аурора се очекуваат на повисоките географски широчини.

За поларна светлина значително појужно, вклучително и над Балканот, вообичаено е потребна многу посилна геомагнетна активност.

Конечниот интензитет, сепак, ќе зависи и од карактеристиките на магнетното поле во сончевиот облак кога ќе стигне до Земјата.

Поврзани содржини