БУГАРИЈА МОРА ДА ГИ ПОЧИТУВА ПРЕСУДИТЕ ЗА ОМО „ИЛИНДЕН“-ПИРИН Скопје го затвори пост-мониторингот, Софија има обврски

Пратеничката Иванка Василевска вели дека прашањето за регистрацијата на ОМО „Илинден“-Пирин останува под внимание во Советот на Европа, додека Македонија веќе го затворила пост-мониторингот.

142

Бугарија мора да ги исполнува обврските што произлегуваат од пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур за регистрацијата на ОМО „Илинден“-Пирин, порача пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Иванка Василевска.

Таа во гостување во „Тема на денот“ на Сител телевизија рече дека македонската страна продолжува да го отвора ова прашање во Советот на Европа.






Дури и кога Бугарија минатата година практично затворила едно поглавје во Советот на Европа, според Василевска, останало укажувањето дека мора да се исполнуваат обврските од пресудите во Стразбур.

– Ние ја отвораме темата, дискутираме и укажуваме дека мора да се внимава и на исполнувањето на обврските од Судот во Стразбур во однос на регистрацијата на ОМО „Илинден“-Пирин – рече Василевска.

Таа направи споредба и со обврските што Македонија ги имаше во рамките на Советот на Европа.

Според неа, Македонија во јануари годинава го затворила пост-мониторингот и сега е пред Бугарија во исполнувањето на критериумите.

– Ние во јануари оваа година го затворивме пост-мониторингот. Ние сме повторно пред нив во однос на исполнувањето на критериумите, а тие ќе треба да го завршат овој процес и тоа мора да го направат – рече Василевска.

Прашањето за почитувањето на пресудите од Стразбур, според пратеничката, е особено важно за Македонците кои живеат во Бугарија.

– Како ќе постапат по тоа прашање ќе суди историјата. Тоа е навистина горливо прашање за Македонците кои живеат во Бугарија – изјави Василевска.

Таа рече дека очекува правично постапување од институциите во Стразбур, без фаворизирање на која било страна.

– Стразбур ќе суди правично. Таму не може некој да биде фаворизиран само поради тоа што има повеќе пријатели од некој друг – рече Василевска.

Според неа, ОМО „Илинден“-Пирин е под постојан мониторинг, а случувањата ги следат македонската мисија во Стразбур и релевантните фактори во Советот на Европа.

Паралелно со прашањата што се отвораат во Советот на Европа, Василевска рече дека фокусот на владејачкото мнозинство останува на исполнувањето на Реформската агенда и домашните задачи.

Повеќе работа, според неа, е потребна во правната држава и реформите во правосудниот систем, но и во високото образование, институциите и здравството.

– Она што повеќе би сакала да го видам јас и моите колеги од владејачкото мнозинство е повеќе работа на планот на правото, правната држава и реформите во правосудниот систем – рече Василевска.

Таа како приоритети ги посочи и квалитетното високо образование, квалитетните институции и достапниот здравствен систем за граѓаните.

– Тоа се прашањата што најмногу ја интересираат Европската Унија. За навистина да бидеме дел од овој организам, мораме тие домашни задачи да ги завршиме – рече Василевска.

Поврзани содржини