📽️ ПОЗНАТ ТУРСКИ БИЗНИСМЕН ПРОНАЈДЕН МРТОВ ВО АВТОМОБИЛ Во истрагата за фондови се споменуваат милијарди долари

Али Емре Бали бил пронајден мртов во автомобил во Истанбул истиот ден кога неговата компанија не успеала да исплати доспеан долг од околу 11 милиони евра. Засега нема потврда дека двата настана се поврзани.

136

Турскиот бизнисмен Али Емре Бали (46), чие име во последните недели се појавува во голема истрага за наводни малверзации на пазарот на инвестициски фондови, бил пронајден мртов во својот автомобил во Истанбул.

Неговата смрт се случила истиот ден кога компанијата на чие чело бил не успеала да изврши доспеана исплата кон инвеститорите, што дополнително го привлече вниманието на јавноста, пишува порталот „Sozcu.com.tr“.






Бали на 6 октомври бил пронајден во возило во областа Чекмекој, а случајот го истражува Јавното обвинителство во Истанбул. Обвинителството соопштило дека веднаш започнало со собирање на сите докази и дека истрагата е во тек.

Засега нема официјална информација дали станува збор за самоубиство или за друга причина за смртта, поради што околностите на случајот и понатаму се предмет на истрага.

Бали бил претседател на управниот одбор на компанијата „Adil Varlik Jonetim“, како и еден од позначајните луѓе во турскиот финансиски сектор.

Неговото име се најде во јавноста во рамки на голема истрага за инвестициски фондови, во која турските власти наредиле ликвидација на 131 фонд. Кризата опфатила повеќе од 450.000 инвеститори, додека вредноста на имотот во фондовите достигнувала околу 20 милијарди долари.

Обвинителството покренало постапки против стотици лица поради сомневања за манипулации на пазарот и неправилности во работењето на фондовите.

Компанијата на Бали, „Adil Varlik Jonetim“, токму на 6 октомври требало да исплати доспеан долг по еден финансиски инструмент. Според официјалното известување, исплатата на главнината и приносот не била извршена бидејќи компанијата не ги префрлила потребните средства во системот.

Вкупниот износ што се споменува во турските извештаи бил околу 615,9 милиони турски лири, односно околу 11 милиони евра. Од нив, околу 500 милиони лири, или приближно 9 милиони евра, се однесувале на главницата, а околу 115,9 милиони лири, односно околу 2 милиони евра, на приносот.

Засега, сепак, нема официјална потврда дека постои каква било поврзаност меѓу неуспешната исплата и смртта на Бали.

Во решавањето на кризата директно се вклучил и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој на 29 септември претседавал со состанок со економскиот тим на владата и раководителите на клучните финансиски институции.

На состанокот било договорено формирање Фондски координативен одбор, предводен од потпретседателот Џевдет Јилмаз, кој треба да го координира процесот на ликвидација на проблематичните фондови и исплатата на инвеститорите.

Ердоган како приоритети ги поставил заштитата на правата на инвеститорите и исплатите да бидат реализирани што е можно поправедно и во најкус можен рок.

Покрај тоа, Ердоган му наложил на Државниот надзорен одбор (DDK) да го испита работењето на инвестициските фондови, како и начинот на кој институциите го надгледувале пазарот.

Целта била, покрај решавањето на актуелната криза, да се утврди дали имало пропусти во надзорот и да се заострат правилата за да се спречи повторување на сличен случај.

Неколку дена подоцна, Фондскиот координативен одбор разгледувал конкретен распоред за исплата на инвеститорите, како и измени на законите што го регулираат пазарот на капитал.

Поврзани содржини