НОВИТЕ МАКЕДОНСКИ ЗЕЛЕНИ ИДЕИ ПАТУВААТ ВО ПРИЗРЕН Од отпад до протеински напиток, микрозеленчук во домашни услови и предвидување дефекти
Трите идеи кои ќе ја претставуваат Македонија на регионалниот натпревар „Зелени идеи од Балканот“, од 3 до 5 ноември во Призрен, Косово, се: ding.mk од Битола, Медотека Најдовски од Велес и Урбана фарма од Скопје.
По завршувањето на националното финале, Здружението АРНО ги објавува трите победнички идеи кои ќе ја претставуваат Македонија на регионалниот натпревар „Зелени идеи од Балканот“ (Balkan Green Ideas), што ќе се одржи од 3 до 5 ноември во Призрен, Косово. Станува збор за ding.mk од Битола, Медотека Најдовски од Велес и Урбана фарма од Скопје.
Протеинска лимонада од оревово брашно (Велес) — семејната компанија „Медотека Најдовски“ произведува ладно цедено масло од ореви, при што како отпад останува брашно со над 45 отсто протеин. Наместо да го фрла, тимот го комбинира со лиофилизиран лимон и создава растителен протеински пијалак во прав, без глутен, соја и лактоза. Идејата е пример за циркуларна економија — отпадот станува премиум производ, со помал еколошки отпечаток од животинскиот протеин.
Урбана фарма (Скопје) — Коста Богучевски, студент по фармација, во 24 квадратни метри од семејниот дом развива вертикална фарма за микрозеленчук. Користи постоечки простор без нова градба, LED осветлување, кокосов супстрат и електричен трицикл за достава. Микрозелените билки растат брзо, со малку вода и без хемиски средства, а отпадот се компостира — што ја прави идејата пример за одржливо урбано земјоделство.