📽️ РАСЕЛ БРЕНД ПРИСТИГНА НА СУД ПО ОБВИНЕНИЈАТА ЗА СИЛУВАЊЕ И СЕКСУАЛНО НАСИЛСТВО Kомичарот тврди дека никогаш немал сексуален однос без согласност
Шест жени го обвинуваат британскиот комичар и актер за сексуални кривични дела за кои се тврди дека се случиле во периодот од 1999 до 2009 година.
Британскиот комичар и актер Расел Бренд пристигна во Судот „Саутворк“ во Лондон, каде што почнуваат подготвителните рочишта пред судењето за обвиненијата за силување и сексуално насилство. Бренд при пристигнувањето не даваше изјави. Шест жени го обвинуваат за сексуални кривични дела за кои се тврди дека се случиле во периодот од 1999 до 2009 година.
Бренд до судот пристигна со црн мерцедес. Облечен во сиво сако и со очила за сонце, помина покрај собраните фоторепортери придружуван од обезбедувањето и една жена. Не одговараше на новинарските прашања при влегувањето во зградата на судот.
Првите два дена на судот ќе бидат изнесувани правни аргументи пред почетокот на главната расправа. Судењето треба да започне во понеделник, 12 октомври, и се очекува да трае до десет недели. Бренд е обвинет по три точки за силување, три за сексуален напад и една за непристоен сексуален напад. Тој ги отфрла сите обвиненија и тврди дека немало сексуални односи без согласност.
Наводите на обвинителството
На претходните рочишта беше кажано дека Бренд, меѓу другото, е обвинет за силување на жена во хотелска соба за време на конференцијата на Лабуристичката партија во Борнмаут. Тој е обвинет и дека фатил телевизиска работничка за градите и ја принудил на сексуален чин во тоалет, како и дека бакнувал и несоодветно допирал вработена во радио-станица.
Кариерата и сегашниот статус
Расел Бренд (51) во 2000-тите стана еден од најпознатите британски стендап-комичари. Водеше придружни емисии поврзани со телевизиското шоу „Big Brother“ и глумеше во неколку холивудски филмови.
Во последните години се посвети на водење подкаст и активности на социјалните мрежи, а сега живее во Соединетите Американски Држави. Бренд во текот на целата кривична постапка се брани од слобода.