МАКЕДОНИЈА И БУГАРИЈА ДА НЕ ОСТАНАТ САМИ НА МАСАТА Стојаноски бара трипартитен разговор со претставник од Брисел
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека Македонија треба директно во Софија да ги изложи своите аргументи и црвени линии, а потоа во дијалогот да биде вклучен и претставник на ЕУ.
Македонија и Бугарија најпрво треба да седнат на иста маса и отворено да ги соочат аргументите, а потоа билатералниот дијалог да прерасне во трипартитен разговор во кој ќе учествува и Брисел, смета пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски.
Неговата порака доаѓа пред претстојната средба во Софија, каде што, според Стојаноски, македонската страна треба јасно да објасни зошто смета дека европската интеграција не смее да значи откажување од сопствениот идентитет.
– Она коешто е важно е прво да се седне на маса и ние да ги кажеме среде Софија нашите аргументи, зошто сметаме дека ако сакаме сите да бидат дел од ЕУ, дека треба таму да се почитуваме со тоа што сме, а не да креираме политики внатре во ЕУ, од Брисел, коишто прилегаат на 19 век – рече Стојаноски во емисијата „Колегиум“ на телевизија Алфа.
Тој смета дека во Софија треба отворено да бидат поставени и македонските црвени линии, но дека разговорите не треба да останат само меѓу двете земји.
– Потребно е ние таму да кажеме кои се нашите црвени линии, затоа што и ги имаме сега, а понатаму многу рационално, дипломатски, тој дијалог да го направиме еден трипартитен разговор, каде што ќе присуствува и некој од Брисел, бидејќи цело време јас лично имам чувство како на нашиот грб да се кршат сите копја – рече Стојаноски.
Пратеникот се осврна и на неодамнешната посета на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, оценувајќи дека покрај идентитетските прашања, важен дел од нејзините пораки биле и реформите и Планот за раст.
– Фон дер Лајен не ги споменуваше само идентитетските прашања, таму кажува и една работа која вреди да се напомене, дека е супер задоволна од начинот на којшто ние ги имплементираме реформите, особено за Планот за раст – кажа Стојаноски.
Според него, пристапот на власта е спорот да се решава преку дијалог, додека обврските што зависат од самата држава треба да продолжат да се исполнуваат.
– Нашата одлука беше ова прашање да го оставиме и да го решаваме со дијалог, додека сето она што ни е домашна задача, спроведувањето реформи, да покажеме дека оваа држава може да биде најдобра во регионот и сме многу подобри и од Косово и од Албанија и од сите земји во регионот, со што може да се види наравот на нашето владеење, сакаме да направиме реформи, сакаме да направиме мерки, сакаме да оставиме дела зад нас – рече Стојаноски.