📽️ ДРОН ПОГОДИ ТУРСКИ БРОД ВО ЦРНОТО МОРЕ Двајца загинати, 11 морнари спасени, бродот потонал
Турскиот товарен брод „Ројад Мамадов“ бил погоден од дрон во близина на платформата Пескаруш, по што избувнал пожар и бродот потонал. Двајца членови на екипажот загинале, а 11 се спасени.
Турски товарен брод натоварен со жито бил погоден од дрон во Црното Море, во близина на романските територијални води, при што загинале две лица, а 11 членови на екипажот биле спасени. Бродот „Ројад Мамадов“ потонал по пожарот што избувнал на него, а романските служби спроведоа голема спасувачка операција.
Инцидентот се случил во близина на нафтената платформа Пескаруш, во Црното Море, околу 20 наутички милји од романскиот брег и околу девет наутички милји југоисточно од платформата. Романските власти ја активирале операцијата за пребарување и спасување откако бил пријавен сериозен поморски инцидент.
Според романската Агенција за спасување човечки животи на море (ARSVOM), Центарот за поморска координација во 10:37 часот побарал интервенција за спасување на екипажот од „Ројад Мамадов“. На местото веднаш се упатиле спасувачките бродови „SAR Apollo“ и „SAR Ares“, а во акцијата се вклучил и брод на крајбрежната стража.
На бродот избувнал пожар, по што тој почнал да тоне. Првично било пријавено дека 13 членови на екипажот се водат како исчезнати. Во продолжението на акцијата, 11 од нив биле спасени, додека две лица биле пронајдени мртви. Романското Министерство за внатрешни работи соопшти дека повредените биле преземени со хеликоптер на Генералниот инспекторат за воздухопловство, со помош на витло, за да им биде укажана итна медицинска помош.
Бродот пловел под знамето на Свети Китс и Невис, бил во турска сопственост и превезувал жито. Пред инцидентот го напуштил украинското пристаниште Измаил и, според досегашните информации, се упатувал кон Италија, односно кон Равена.
View this post on Instagram
Капетанот бил меѓу повредените
Во првичните информации од спасувачката операција се наведуваше дека капетанот на бродот е повреден, додека бројот на исчезнати членови на екипажот изнесувал 13. Подоцна романските власти потврдија дека 11 членови се спасени, а две лица се пронајдени мртви.
Романските спасувачки служби објавија дека операцијата продолжила со ангажман на бродови на крајбрежната стража и хеликоптер на Генералниот инспекторат за воздухопловство.
Според достапните информации, бродот бил погоден во близина на платформата Пескаруш, која е морска платформа за експлоатација на нафта и природен гас управувана од „OMV Petrom“. Платформата се наоѓа на околу 20 наутички милји од романскиот брег.
Инцидентот се случил надвор од територијалните води на Романија, но во нејзината ексклузивна економска зона.
Засега нема официјална потврда кој го извршил нападот со дрон, ниту пак се објавени детали за типот на дронот или оружјето со кое бил погоден бродот. Романските извори потврдуваат дека бродот бил погоден од дрон, но истрагата за околностите продолжува.