ГОЛЕМ ПРЕСВРТ ВО ВОЈНАТА ВО ЈЕМЕН Војската ги истисна Хутите од стратешката област кај протокот Баб ел-Мандеб

Јеменската армија тврди дека стотици борци Хути се опколени во областа Дубаб и дека некои од нив избегале со брод.

342

Воените сили на меѓународно признатата јеменска влада тврдат дека ја презеле контролата врз стратешката област кај морскиот премин Баб ел-Мандеб од Хутите како дел од новата воена операција наречена „Јеменска зора“.

Воениот портпарол Маџид Абдула ал-Нузајли изјави дека бригадата Јужни џинови и силите на Националниот штит зазеле позиции во областа на теснецот, како и на аеродромот Дубаб и го отсекле патот помеѓу Дубаб и Мока.






Јеменската армија, исто така, тврди дека стотици борци Хути се опколени во областа Дубаб и дека некои од нив избегале со брод.

Овие тврдења сè уште не се целосно независно потврдени. Ројтерс претходно денеска, повикувајќи се на два воени извори, објави дека владините сили ги нападнале позициите на Хутите во областа Дубаб, која го надгледува Баб ел-Мандеб, додека извори на EFE изјавија дека стигнале до периферијата на областа на теснецот.

Напредокот е дел од поширока воена кампања што ја почна јеменската влада по големите воени придобивки на Хутите во последните недели.

Хутите, поддржани од Иран, минатиот месец ја освоија Мока, делови од брегот на Црвеното Море и островот Перим, познат и како Мајун, кој се наоѓа во средината на Баб ел-Мандеб. Со ова, тие значително ја проширија својата контрола врз еден од најважните поморски патишта во светот.

Претседателот на Претседателскиот совет на Јемен, Рашад ал-Алими, потоа најави голема операција насочена кон повторно освојување на териториите што ги држат Хутите.

Вп борбите учествуваат различни провладини формации, со поддршка на Саудиска Арабија.

Баб ел-Мандеб го поврзува Црвеното Море со Аденскиот Залив и понатаму со Арапското Море. Поморскиот сообраќај меѓу Азија и Европа преку Суецкиот Канал поминува низ него, поради што секоја промена во контролата врз таа област може да има последици за глобалната трговија и безбедноста на бродовите.

Теснецот веќе беше во центарот на светското внимание во последните години поради нападите на Хутите врз трговските бродови поврзани со војната во Газа.

Најновите борби означуваат голема повторна ескалација на граѓанската војна во Јемен по неколку години релативно ниско ниво на конфликт.

Во последните недели, Хутите напредуваа и кон стратешкиот Таиз и го освоија Турба, важно место на патот што го поврзува Таиз со Аден. Јеменската влада сега се обидува да го спречи тој продор и да врати делови од брегот на Црвеното Море.

Поврзани содржини