ДНК-ТЕХНОЛОГИЈАТА ОТВОРА СЛУЧАИ СТАРИ ПОЛОВИНА ВЕК Синди исчезнала на 15 години, мистеријата решена по 49 години

Пресвртот дошол со напредното ДНК-тестирање, кое од примерок од коска создало профил со стотици илјади генетски маркери и ги одвело истражителите до роднините на Синди Марсел Близард.

148

Речиси половина век една девојка била само непознати останки во полициските досиеја во Северна Каролина. Сега технологија што не постоела кога биле пронајдени нејзините коски успеала да го направи она што со децении не можеле истражителите – да утврди дека станува збор за Синди Марсел Близард, која имала само 15 години кога исчезнала во 1977 година.

Човечките останки биле пронајдени на 29 декември 1977 година во пошумена област во округот Вилсон, Северна Каролина. Со нив била пронајдена и облека.






Тогашниот медицински вештак проценил дека станува збор за девојка на возраст меѓу 16 и 23 години и дека останките можеби лежеле таму од шест месеци до две години. Причината за смртта не можела да биде утврдена, но околностите го навеле истражителите случајот да го третираат како можно убиство.

Со години биле споредувани стоматолошки картони со податоците за исчезнати лица. Совпаѓање немало.

Случајот повторно бил отворен во 2010 година. Забите биле испратени на ДНК-анализа, а добиените профили биле внесени во националните бази CODIS и NamUs. И тој обид завршил без резултат.

Коската открила стотици илјади генетски траги

Нов пресврт дошол кога истражителот за стари случаи Енди Мар повторно го отворил досието во 2024 година. Овојпат на располагање имал форензички алатки што не постоеле во 1977 година.

Примерок од коска бил испратен во специјализирана форензичка лабораторија, каде што научниците извлекле генетски материјал и создале SNP-профил – многу подетална генетска мапа од онаа што се користи при класичното барање директно совпаѓање во полициска база.

Таквиот профил може да опфати стотици илјади генетски маркери. Токму тоа овозможува да се бараат биолошки роднини и кога ДНК на самата жртва ја нема во базата.

Во случајот со Синди била употребена форензичка генетичка генеалогија. Генеалошка служба го анализирала профилот и почнала да бара можни роднински врски.

Трагата конечно ги одвела истражителите до девојче кое избегало од својот дом во Монктон, Мериленд, во пролетта 1977 година.

Тоа била Синди Марсел Близард.

Технологијата решила кој е во гробот, но не и кој ја убил

Потенцијалните роднини што биле пронајдени преку генетичката генеалогија им овозможиле на истражителите да продолжат со проверките, а со помош на повеќе американски полициски и федерални служби било потврдено дека останките ѝ припаѓаат на Синди.

Разликата меѓу неуспешниот обид од 2010 година и денешната технологија е суштинска. Тогаш ДНК-профилот бил внесен во бази во кои требало да постои соодветно совпаѓање; новата анализа овозможила истрагата да тргне преку генетските врски со роднините.

Тоа ја претвора ДНК во своеобразно семејно стебло: истражителите не мора однапред да го имаат бараното лице во база за да добијат трага кон неговото семејство.

Но технологијата решила само една половина од мистеријата.

Истражителите сега знаат која била девојката пронајдена во шумата, но сè уште не знаат што точно ѝ се случило, како стигнала од Мериленд до Северна Каролина и кој бил со неа пред смртта.

Случајот и натаму се истражува како убиство, а полицијата бара луѓе кои ја познавале Синди во 1977 година или имаат информации за нејзиното движење и луѓето со кои контактирала.

Поврзани содржини