270 СВЕШТЕНИЦИ, РЕЧИСИ 1.000 ДЕЦА И ДЕЦЕНИИ МОЛК Голема истрага за сексуална злоупотреба во католичките епархии
Истрагата на обвинителството на Масачусетс утврди докази за сексуална злоупотреба на речиси 1.000 деца од страна на повеќе од 270 католички свештеници во епархиите Фол Ривер, Спрингфилд и Вустер.
Повеќе од 270 католички свештеници сексуално злоупотребувале речиси 1.000 деца во три епархии во Масачусетс во период од околу еден век, се наведува во истражниот извештај на обвинителството на Масачусетс, објавен денеска.
Главната обвинителка на Масачусетс, Андреа Џој Кембел, го опиша извештајот како прв целосен јавен приказ на злоупотребата и институционалните пропусти во епархиите Фол Ривер, Спрингфилд и Вустер, кои, според истрагата, овозможиле злоупотребата да продолжува со децении.
Истрагата утврдила дека епархиските раководства со години знаеле за наводите за злоупотреба на деца, но, според обвинителството, „премногу често го штителе угледот на Црквата, а не децата“.
– Зад секој од тие бројки стои дете чија безбедност е загрозена, семејство кое е засекогаш променето и преживеан кој ја носи траумата од таа злоупотреба со години, а во многу случаи и со децении – рече Кембел.
Според извештајот, раководствата на епархиите не реагирале соодветно на наводите и предупредувачките знаци, префрлале обвинети и сторители на други парохии без да ги откриваат причините за нивното преместување, враќале свештеници во служба по третман без соодветен надзор и не ги спроведувале доследно ограничувањата што им биле наметнати.
Истрагата, исто така, утврдила случаи во кои биле прикривани причините поради кои свештеници биле отстранети од служба и не биле пријавувани сите наводи до органите на прогонот.
Истрагата започнала во 2019 година, а обвинителството прегледало повеќе од 300.000 страници документи и интервјуирало повеќе од 100 лица, меѓу кои преживеани од злоупотреба, нивни застапници, адвокати, свештеници, епархиски службеници и експерти.
Од епархијата Вустер соопштиле дека ќе го проучат извештајот „за да ги идентификуваат сите дополнителни подобрувања што можат да се направат за да се одговори на жртвите на минатата злоупотреба и да продолжат да ги зајакнуваат напорите за заштита на децата“.
Другите две епархии, Фол Ривер и Спрингфилд, не одговориле веднаш на извештајот.
Поголемиот дел од злоупотребите се случиле пред 2002 година. Тогаш скандалот доби меѓународно внимание откако „Бостон Глоуб“ објави серија истражувачки текстови, наградени со Пулицерова награда, за тоа како службеници во Римокатоличката надбискупија во Бостон прикривале сексуална злоупотреба на деца од страна на свештеници.
Извештаите на весникот предизвикаа глобален бран истраги во кои беа откриени слични шеми во католичките епархии ширум светот, а во Масачусетс поттикнаа законски реформи во 2002 година.
Иако истрагата идентификувала незаконско однесување, обвинителството соопшти дека не поднело нови обвиненија како резултат на истрагата. Дел од случаите не можат да се гонат поради истекот на рокот за застареност, додека дел од однесувањето во времето кога се случило не претставувало кривично дело според тогашните закони.
Од трите епархии, епархијата Вустер е единствената во Масачусетс која нема јавно достапен список на свештеници против кои постојат веродостојни наводи за злоупотреба, се наведува во извештајот.
Обвинителството препорача трите епархии да преземат дополнителни мерки за заштита на децата и подобрување на односот кон преживеаните, вклучително и поголема транспарентност, доследно пријавување и истражување на наводите и построго спроведување на ограничувањата за обвинетите и сторителите.