АЛБАНИЈА ЌЕ ЈА НАПРАВИ И ЕУ ПОСИЛНА Фон дер Лајен со пофалби за напредокот на Тирана

Претседателката на Европската комисија порача дека Албанија постигнала значителен напредок на патот кон ЕУ, но нагласи дека реформите мора да продолжат во сите области.

0

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска на заедничката прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама во Тирана изјави дека Албанија вложила големи напори за да ги постигне европските стандарди.

– Албанската влада и Албанија напорно работевте за да ги постигнете европските стандарди. Албанија повторно постигна фантастичен напредок, го отворивте последниот кластер, а во јули ги затворивте првите три поглавја. Ги уверувам Албанците: членството не само што ќе ја направи Албанија посилна, туку ќе ја направи и Европската Унија посилна – рече таа.






Фон дер Лајен нагласи дека патот кон членството во ЕУ бара континуирано спроведување на суштинските реформи во сите отворени поглавја, вклучително и во областа на заштитата на животната средина и природните ресурси.

Според неа, за постигнување трајни промени е потребна соработка што ги надминува традиционалните политички поделби.

– Ова бара вистински ангажман преку политичките поделби и дијалог со општеството за да се одговори на сите негови грижи – рече таа.

Албанија во декември 2025 година го отвори последниот, петти кластер во пристапните преговори – „Ресурси, земјоделство и кохезија“, со што ги отвори сите 33 преговарачки поглавја. Во јули 2026 година, Европската Унија и Албанија привремено ги затворија првите три поглавја – за наука и истражување, образование и култура и надворешни односи.

Поврзани содржини