МАКЕДОНИЈА ПРЕДНИЧИ ВО ЕВРОПСКИТЕ РЕФОРМИ Левков вели дека актуелниот парламентарен состав работи неуморно

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ зборуваше за усогласувањето на македонското законодавство со правото на ЕУ, бројот на донесени закони и надзорната функција на Собранието.

43

Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, во гостувањето во емисијата „Колегиум“ на ТВ Алфа зборуваше за реформските закони што се носат во Собранието и за усогласувањето на македонското законодавство со правото на Европската Унија.

Лефков оцени дека усогласувањето на законодавството со европските правила е еден од клучните сегменти на европските интеграции, покрај дипломатскиот и политичкиот процес.






– Апсолутно, кога сме кај темпото на евроинтеграции, самиот пат за евроинтеграции, улогата на законодавниот дом, патот кон Европа има, би рекол, неколку струи. Едната од нив е дипломатската, политичката, за која најчесто говориме и којашто е, нели, неизвесна, би рекол за жал, полна со непредвидливи критериуми, меѓутоа една од струите е усогласување на македонското законодавство со законодавството на ЕУ – рече Лефков.

Тој додаде дека, според него, актуелниот парламентарен состав работи интензивно на усогласувањето на законите со европското законодавство и дека тоа било препознаено и во извештајот на Европската комисија.

– Нешто за што можам да ве уверам и вас и македонската јавност дека парламентарниот состав, овој парламентарен состав, работи неуморно и тоа беше признаено од страна на Европската комисија и во извештајот и во тоа што Македонија предничи во реформите коишто се однесуваат, нели, на усогласување со европската регулатива – изјави Лефков.

Според него, промената се гледа и во начинот на кој се носат законите, при што тој направи споредба со претходниот парламентарен период.

Лефков оцени дека во претходниот период, според него, европското знаменце било користено и при донесување закони за кои смета дека не требало да бидат носени на тој начин, додека во актуелниот парламентарен состав тоа, како што рече, повеќе не е практика.

– И тоа се должи на повеќе фактори, на работата во Собранието, на начинот на донесување на закони, на тоа што во последниот мандат на Собранието нема повеќе, како во времето на СДС и ДУИ како досега, кога се носеа разноразни закони, како КЗ, Законот за лекови и други разни закони, поврзани дали со марихуана или со други лукративни дејности коишто поминуваа со европско знаменце и тоа повеќе го нема – рече Лефков.

Тој направи и споредба на бројот на донесени законски решенија во двата парламентарни периода.

– И ако ги погледнете извештаите, ќе видите еден четиригодишен мандат целосно потрошен на донесување на околу 430 законски решенија, сега во овој двојно пократок период донесени над 740 закони – изјави Лефков.

Во продолжение, тој се осврна и на примената на донесените закони, нагласувајќи ја надзорната функција на Собранието.

– Транспонирање на одредено законодавство некогаш се користело за измените на КЗ или за донесување на закони коишто се штетни, а кога зборуваме за насока за спроведување на законите, овде е многу важна онаа што се нарекува надзорна функција на Собранието – рече Лефков.

Како пример ја посочи работата на Собранието со извештаите што ги доставуваат Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.

– Затоа ќе ве потсетам уште еднаш, со доаѓање на власт, кога беа разгледувани извештаите коишто стигнуваа од Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, истите беа прифатени, беа пречекани со бројни забелешки и не беа прифатени од Собранието и како резултат на таа надзорна функција на Собранието се влезе и се донесоа нови закони, нов Закон за Совет на јавни обвинители и беа спроведени со целосна јавна расправа – кажа Лефков.

Инаку, Европската комисија во својот извештај за Северна Македонија за 2025 година наведува дека земјата продолжила со работата на реформите поврзани со владеењето на правото, јавната администрација и демократските институции, но истовремено повикува на натамошни и поодлучни активности за исполнување на условите за отворање на првиот кластер од пристапните преговори.

Поврзани содржини