ДИПЛОМАТСКАТА МИСТЕРИЈА ВО ЕУ ДОБИ РАСПЛЕТ СО ТЕШКО ПАЗАРЕЊЕ А ЛА МАКРОН Усманов и Фридман нема да бидат на санкциската листа

Пазарот за малку ќе го растуреше Летонија, но Париз во последен момент се согласил да започне разговори со Рига за приклучување кон француската иницијатива за нуклеарно одвраќање.

47

Европската Унија во последен момент ја спаси санкциската листа против Русија, но цената на компромисот е симнувањето на двајца од најпознатите руски милијардери – Алишер Усманов и Михаил Фридман. Зад конечниот договор се испреплетоа француски затвореници во Азербејџан, тужба тешка 16 милијарди долари против Луксембург и француска понуда за поблиска одбранбена, па и нуклеарна соработка со Летонија. За возврат, санкциите против останатите лица и субјекти на листата се „заклучуваат” до септември 2029 година.

Амбасадорите на 27-те членки на 22 септември конечно постигнаа договор, неколку часа пред истекувањето на привременото продолжување на санкциите. Советот на ЕУ официјално потврди дека индивидуалните рестриктивни мерки се продолжени за три години, до 22 септември 2029 година. Досега тие се обновуваа на секои шест месеци, што двапати годишно отвораше можност една членка со вето да ја доведе во прашање целата листа.






Баку го притисна Париз, а Париз ги притисна сите

Но од новата листа исчезнуваат Усманов и Фридман. Франција беше главниот поборник за бришење на Усманов, додека Луксембург инсистираше на симнување на Фридман. Според „Фајненшл тајмс“, договорот е практично размена: двете имиња се отстрануваат, а мерките против останатите санкционирани лица и компании се продолжуваат за невидени 36 месеци. Ирското претседателство со Советот го опиша постигнатото како „тежок компромис“.

Француското барање предизвика особено незадоволство меѓу членките бидејќи нема директна врска со руската војна против Украина. Париз се повикуваше на „национална безбедност“, но дипломатски извори за Ројтерс и за „Фајненшл тајмс“ ја поврзаа операцијата со обидите да бидат ослободени најмалку двајца француски државјани затворени во Азербејџан. Европски дипломати тврдеа дека Баку го користел случајот Усманов како средство за притисок врз Франција. Азербејџан го негира тоа, иако претходно лобирал за симнување на милијардерот од санкциите.

Последната пречка беше Летонија. Рига одбиваше да прифати двајца санкционирани милијардери да бидат избришани поради политички договори што немаат врска со причините поради кои ЕУ ги ставила на листата во 2022 година. Летонскиот премиер Андрис Кулбергс порача дека тригодишното продолжување е добра идеја, но дека цената за него не може едноставно да биде бришењето на Усманов и Фридман.

Летонија си го наплати ветото, а Луксембург го спаси Фридман

Токму тука се појавува уште еден необичен елемент од компромисот. Според „Фајненшл тајмс“, Франција ѝ ветила на Летонија поблиска соработка во воздушната одбрана и пристап до разговорите за францускиот нуклеарен чадор. Ројтерс ја потврдува суштината на договорот: Кулбергс соопштил дека Париз се согласил да започне разговори со Рига за приклучување кон француската иницијатива за нуклеарно одвраќање. Летонија потоа се воздржа во санкциската постапка, со што договорот можеше да помине, а најави дека ќе разгледа сопствени национални санкции против двајцата милијардери.

Фридман, пак, влезе во компромисот по друга линија. Луксембург побара и тој да биде избришан откако милијардерот покрена арбитражна постапка тешка околу 16 милијарди долари поради загубите што ги поврзува со замрзнувањето на неговиот имот. Дипломатски извор за „Ле Монд“ ја опиша логиката многу едноставно: откако членките се согласиле да го симнат Усманов по барање на Франција, станало тешко да му се одбие на Луксембург барањето за Фридман.

Каја Калас со престот во уста

Така една од најважните алатки на европската политика кон Москва се претвори во сложено пазарење меѓу националните интереси. Франција го доби Усманов во контекст на своите проблеми со Азербејџан, Луксембург го доби Фридман додека се соочува со милијардерска арбитража, Летонија доби перспектива за посилна француска безбедносна соработка, а останатите членки добија три години во кои индивидуалниот санкциски режим нема повторно да зависи од шестмесечното едногласно обновување.

Иронијата е уште повидлива ако се погледне позицијата на Каја Калас. Само еден ден пред компромисот, високата претставничка порача дека санкциите се „клучен столб” на европскиот одговор на руската војна, дека ЕУ мора да обезбеди нивна стабилност и дека паралелно работи на нов пакет санкции. Но конечниот договор за постојната листа не беше резултат на нова санкциска стратегија на EEAS, туку на меѓудржавно пазарење меѓу Париз, Рига, Луксембург и другите престолнини.

Киев бесен, Москва задоволна

Реакцијата од Украина беше остра. Министерот за надворешни работи Андриј Сибиха го нарече бришењето на Усманов и Фридман „срамно и неоправдано“, оцени дека Москва слави и ги повика поединечните членки да разгледаат национални санкции против двајцата. Естонскиот министер за надворешни работи Маргус Цахкна, пак, побара Франција да објасни зошто инсистирала Усманов да биде симнат, оценувајќи дека одлуката испраќа погрешна порака во погрешно време.

Кремљ го поздрави развојот и побара ЕУ да оди уште подалеку и да ги симне санкциите и од другите руски бизнисмени. Во Брисел остана поинаква дилема. Тригодишното продолжување го прави санкцискиот режим постабилен од кога било досега, но патот до тој резултат покажа колку лесно заедничката надворешна политика може да стане заложник на сосема различни национални интереси. Усманов и Фридман излегуваат од листата, а останатите мерки важат до 22 септември 2029 година.

 

Поврзани содржини