ЌЕ ИМАМЕ СТАБИЛНА ЗИМА Мицкоски убедува дека снабдувањето со енергенси ќе биде стабилно, без осцилации во цените и во количините

Мицкоски напомена дека Владата работи на тоа, од јануари цената на струјата да биде пониска или да се продолжи евтината тарифа.

27

Сакам да ги уверам граѓаните дека ќе имаме стабилна зима, со стабилно снабдување на енергенси, без осцилации во цената или количината, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Мицкоски напомена дека Владата работи на тоа, од јануари цената на струјата да биде пониска или да се продолжи евтината тарифа.






И во однос на гасот, премиерот не очекува какви било шокови, иако смета дека е можно во европски рамки цената двојно па дури и тројно да се зголеми.

– Зголемената цена на струјата е на берзите, не кај нас. Кај нас цената на електричната енергија што ја плаќаат граѓаните откако е оваа Влада не е покачена и така ќе остане. Работиме на таа проблематика и од јануари цената најмалку да остане иста, а работиме и на тоа да има поевтинување или продолжување на евтината тарифа. Ние со време ги чувавме нашите акумулации, тие се сега некаде на 50%, се ремонтираат или завршуваат ремонтите во термоенергетските постројки. Временската прогноза вели дека полната грејна сезона би почнала меѓу 2-ри и 5 ноември, а до тогаш целокупните подготовки ќе бидат завршени иако веќе три четвртини се завршени – рече Мицкоски.

Според него, Македонија навреме го потпиша Договорот со Косово околу јагленот со кој значително ќе се намали цената на чинење на произведениот мегават час електрична енергија во нашите производни капацитети.

– Вода имаме. Од аспект на грејната сезона и количините на електрична енергија, не очекувам турбуленции. Очекувам најмалку иста состојба како сега, да немаме никакво покачување или скокови. За гасот, не сме голем консумент. Резервите се од 25 до 50% пониски од петгодишниот европски просек и во Европа ќе има голем предизвик поради таквата ситуација во моментов. Очекувам цената на гасот можеби да дуплира па и да триплира оваа зима, но тоа кај нас нема да има големо влијание, зашто ние најчесто користиме когенеративни постројки кои истовремено произведуваат топла вода за загревање, а потоа од пареата и електрична енергија со што се амортизираат влезните трошоци. Значи, имајќи предвид дека не сме голем консумент и со оглед на технологијата, не очекувам какви било шокови – рече Мицкоски.

За нафтата, дополни, се прават калкулациите, а мерки веќе има.

– Подготвени сме и тоа е успехот што го направи оваа Влада – да дозволи конзум дома и реекспорт. Нема како други држави да воведеме забрана за реекспрот на нафата и нафтените деривати. Веќе имаме поевтини акцизи, прогласена е кризна состојба и како резултат на тие мерки имаме до половина евро за литар пониска цена на бензините, споредено со соседите во регионот. Тоа предизвика да имаме до 50% зголемен козум на некои бензински пумпи посебно во пограничните делови. Инаку, секојдnевно разговараме со увозниците, уверени сме дека количини има доволно, продуктоводот е полн, државните резерви се солидни, не гледам во овој момент можност и причина за стравување во текот на зимата. Загрижен сум за тоа – до кога сето ова ќе трае и на тоа прашање никој во светот не може да даде одговор, до кога ќе трае кризата – рече Мицкоски.

Поврзани содржини