📽️ КОГА ШЕТААТ РОБОТИ ПОЛИЦАЈЦИ ВО КИНА, КРИМИНАЛОТ СЕ ПРЕПОЛОВУВА Не апсат, ама поделиле 170.000 опомени

Кина веќе има речиси 50 сообраќајни роботи во 8 градови. Тие регулираат сообраќај, препознаваат прекршоци и работат и кога човечките полицајци се тргаат од улиците поради жештините.

488

Роботи-полицајци веќе регулираат сообраќај низ кинеските градови, покажуваат знаци со рацете, препознаваат прекршоци и ги предупредуваат возачите. Само во Хангџоу 15 машини поделиле повеќе од 170.000 предупредувања. На местата каде што биле распоредени, властите забележале пад на одредени сообраќајни прекршоци за повеќе од 40%.

Не носат пиштоли и не апсат луѓе.






Нивната задача засега е многу поприземна. Го регулираат сообраќајот и реагираат кога ќе забележат прекршок. Можат да работат и во периоди кога високите температури го отежнуваат долгото стоење на полицајците на улица.

Шенжен овој септември отвори и роботизирана полициска станица во областа Бантиан, каде хуманоидни роботи, роботски кучиња, дронови и автономни возила се користат за задачи од јавната безбедност.

Кина веќе распореди речиси 50 хуманоидни сообраќајни роботи во 8 градови. Планот е нивниот број да достигне околу 200 до крајот на годинава.

Тоа не значи дека машините ја замениле полицијата. Тие немаат овластување да апсат. Човечки полицајци и натаму интервенираат кога ситуацијата бара полициски овластувања.

Хангџоу е еден од најинтересните примери. Таму работат 15 роботи. Машините ги следат возачите и велосипедистите и препознаваат прекршоци, меѓу кои и возење без заштитна кацига.

 

Робот покажува кога да тргнеш

Машините се направени да личат и да се однесуваат како сообраќајни полицајци. Кога ќе забележат прекршок, роботите можат да го предупредат човекот преку звучник.

Некои имаат човечки облик и со рацете им сигнализираат на возачите кога да застанат или да продолжат. Камерите и сензорите им овозможуваат да го следат сообраќајот околу нив.

Други модели се движат по улиците и ги надгледуваат критичните точки.

Кинеските власти ја гледаат технологијата пред сè како начин машините да ги преземат повторливите и физички напорни задачи. Човечките полицајци така би останале слободни за интервенции што бараат проценка и полициски овластувања.

Полицаец-робот и полицаец-топка

Кинеските експерименти не завршуваат со хуманоидните роботи. Полицијата тестирала и сферичен робот тежок околу 160 килограми. Машината изгледа како огромна метална топка и може да се тркала со брзина до 35 километри на час.

Уште понеобично, роботот може да се движи и низ вода. Прототипот бил тестиран заедно со вистински полицајци во Венџоу. Може да носи полициска опрема, а меѓу демонстрираните можности бил и систем со мрежа за запирање осомничени.

Поврзани содржини