ЛЕЈДИ ГАГА ИСЧЕЗНА ОД ЈАВНОСТА, А СИТЕ СЕ ПРАШУВААТ ЕДНО Дали пејачката тајно се омажила за својот долгогодишен партнер и соработник Мајкл Полански
Одеднаш ја снема од очите на јавноста, па пријателите почнаа да се прашуваат дали пејачката конечно се омажила за Мајкл Полански, човекот кој ѝ го освои срцето
Лејди Гага во последно време е значително помалку присутна во јавноста, а токму тоа ги поттикна шпекулациите дека пејачката можеби направила голем чекор во приватниот живот без никој да дознае.
Според пишувањата на странските медиуми, луѓе блиски до Гага се прашуваат дали таа и нејзиниот свршеник Мајкл Полански можеби тајно се венчале и моментално се на меден месец. Информацијата првично ја објави „Дејли мејл“, а ја пренесоа и други медиуми.
Ниту пејачката ниту нејзиниот партнер јавно не кажале дека се венчале, па приказната останува на ниво на шпекулација.
Гага последен пат беше особено присутна во јавноста за време на нејзината турнеја, која заврши во април. Оттогаш поретко се појавува во јавноста, иако тоа не значи дека целосно исчезнала. Во август беше фотографирана со обожавател во Северна Калифорнија, а и понатаму објавува содржини на социјалните мрежи.
Токму нејзиното повлекување од очите на јавноста, во комбинација со фактот дека одамна зборува за свадба, им даде дополнителен простор на гласините.
Гага и Полански ја потврдија врската во 2020 година, а свршувачката стана јавна во 2024 година, кога пејачката случајно го претстави како свој свршеник за време на разговор со тогашниот француски премиер Габриел Атал.
Инаку, Мајкл Полански не е дел од музичкиот или филмскиот свет. Тој е американски претприемач и инвеститор во технолошкиот сектор, дипломирал на „Харвард“, а во текот на кариерата бил поврзан со повеќе технолошки и филантропски проекти.
Тој е извршен директор на „Parker Group“, а со милијардерот и еден од основачите на „Facebook“, Шон Паркер, соработувал и во рамките на Parker Institute for Cancer Immunotherapy, организација посветена на финансирање истражувања во имунотерапијата против ракот.
Интересно е што Полански со текот на времето станал дел и од музичкиот свет на Гага. Тој учествувал во создавањето на нејзиниот албум „Mayhem“ од 2025 година, како коавтор и ко-продуцент на повеќе песни.
Меѓу нив е и „Blade of Grass“, песна која Гага ја поврзала токму со нивната љубовна приказна. Со други зборови, човекот кој ѝ е партнер во приватниот живот станал и нејзин соработник во студиото.
Двајцата за својата врска генерално не откриваат премногу, но Гага неколкупати зборувала за свадбата. Во март годинава, за време на гостувањето во радио-шоуто на Бруно Марс, таа кажа дека ќе се омажи „наскоро“, па дури го замоли Марс да избере песна за свадбата.
И порано зборувала дека не ја замислува свадбата нужно како голем холивудски спектакл. Во еден разговор открила дека со Полански размислувале и за едноставна варијанта – да одат во матично, а потоа да јадат кинеска храна.
Но, приказната доби пресврт само еден ден подоцна. Додека „Дејли мејл“ и други медиуми објавуваа дека пријателите на двојката се сомневаат оти Гага и Полански тајно се венчале и заминале на меден месец, „ТМЗ“ објави дека според извори на медиумот, тие сепак не се венчале.