СО СМЕЕЊЕ ПОЛЕСНО СЕ ДИШЕ Ново истражување покажало дека терапијата со смеење може да им помогне на пациентите со ХОББ
Ново истражување покажа дека структурирани вежби со смеење можат да го намалат чувството на недостиг на воздух кај луѓе со хронична опструктивна белодробна болест
На прв поглед звучи необично, но едно ново истражување сугерира дека смеењето би можело да стане едноставна дополнителна техника за луѓето со хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ). Студијата покажала дека таканаречената терапија со смеење го намалува чувството на отежнато дишење, со ефект сличен на оној од една веќе позната техника на дишење.
Истражувањето било спроведено врз 63 пациенти со ХОББ кои се лекувале во болницата „Анкара Билкент“ во Турција, а резултатите биле презентирани на Конгресот на Европското респираторно здружение во Барселона. Пациентите по случаен избор биле поделени во три групи: едната правела вежби со смеење, втората практикувала дишење низ полузатворени усни, а третата не правела дополнителни вежби за дишење.
Терапијата со смеење, сепак, не значело едноставно гледање комедии или намерно смеење во текот на денот. Пациентите биле обучени за конкретна програма со ритмично плескање и гласовни звуци, вежби во кои имитирале, на пример, стартување мотор или рикање на лав, а имало и вежба наречена медитација со смеење, со спонтано и ненасилно смеење. На крајот следеле смирување, контролирано дишење и насмевка.
Вежбите се правеле по 30 минути, трипати неделно, во период од осум недели. По првичната обука во живо, пациентите продолжиле да вежбаат дома, а добивале поддршка преку видеоразговори и текстуални пораки.
По осум недели, и групата која правела вежби со смеење и групата која практикувала дишење низ полузатворени усни имале значително помалку проблеми со отежнато дишење во споредба со контролната група. Кај двете групи било забележано и подобрување на општата здравствена состојба, а ефектот врз отежнатото дишење бил присутен и еден месец по завршувањето на програмата. Сепак, вежбите не ја промениле потребата на пациентите од секојдневна помош.
Истражувачите претпоставуваат дека смеењето може да ги активира респираторните мускули, да поттикне подлабоко издишување и да влијае врз ослободувањето ендорфини. Кај ХОББ проблемот е што дишните патишта полесно се затвораат при издишување, па дел од воздухот останува заробен во белите дробови. Техниката со дишење низ полузатворени усни создава благ притисок кој му помага на заробениот воздух да излезе, додека кај смеењето истражувачите сметаат дека повторливите и подлабоки издишувања би можеле да имаат сличен ефект.
– Механизмите зад терапијата со смеење кај ХОББ сè уште не се добро разбрани и потребни се посеопфатни истражувања – предупредува д-р Гонџагул Алдан, која ги презентирала резултатите. Таа нагласува дека целта не е смеењето да ја замени постојната терапија, туку да биде едноставна дополнителна техника која пациентите можат да ја практикуваат дома, без опрема и без специјализирана помош.
И експертот на Европското респираторно здружение, д-р Марк Мирабитљес, кој не учествувал во истражувањето, го оцени резултатот како ветувачки, но нагласи дека станува збор за мала студија. Кај ХОББ и понатаму остануваат важни инхалаторната терапија, физичката активност, вакцинацијата и белодробната рехабилитација. Истражувачите сега планираат поголеми студии со повеќе пациенти и учество на различни земји.