ЗОШТО РИБАКИНА ИГРА ЗА КАЗАХСТАН, А ПОТЕКНУВА ОД РУСИЈА? Како визијата на една нација ѝ помогна да стане тенисерка број 1
Рибакина во 2018 година ја прифатила понудата на Тениската федерација на Казахстан, го зела казахстанскиот пасош и официјално започнала да настапува под нивно знаме. Бидејќи Казахстан не дозволува двојно државјанство, таа станала полноправен државјанин на оваа земја. Нејзините родители сѐ уште живеат во Москва.
Приказната на Елена Рибакина не е само хроника за спортски успех, таа е лекција за тоа како визијата на една нација може да го промени текот на спортската историја. Светот на тенисот сведочеше на уште еден историски момент кога, со пласманот во полуфиналето на УС Опен, Рибакина официјално го осигура првото место на WTA листата, станувајќи првата тенисерка во историјата на Казахстан на светскиот трон. Но, зад овој блескав врв стои одлука донесена пред осум години, која целосно ја трансформираше оваа централноазиска земја во нова тениска велесила.
Спас на кариерата во последен час
Елена Рибакина е родена во Москва, Русија. Како тинејџерка, била една од најталентираните млади тенисерки во светот (достигнала до трето место на јуниорската ранг-листа). Меѓутоа, преминот од јуниорски во професионален сениорски тенис бара огромни финансиски средства за патувања, тренери и за опрема. Тениската федерација на Русија не ѝ понудила финансиска поддршка, бидејќи во тој момент имале многу млади играчи и не го препознале нејзиниот целосен потенцијал. Нејзините родители морале сами да ги покриваат трошоците, што станало неодржливо.
Поради недостиг на пари, Рибакина сериозно размислувала да се откаже од професионалниот тенис и да замине на студии на колеџ во Соединетите Американски Држави, каде што имала понуди да игра универзитетски тенис во замена за стипендија.
Тогаш на сцена стапил претседателот на Казахстанската тениската федерација (КТФ), Булат Утемуратов. Во мај 2018 година, кога имала 19 години и се наоѓала на 175 место на WTA листата, Тениската федерација на Казахстан ѝ понудила комплетно финансирање на нејзината професионална кариера, квалитетни тренери и пристап до врвни тренинг-центри, гаранција дека веруваат во нејзиниот талент, иако во тој момент Елена сè уште немала големи сениорски резултати.
Рибакина ја прифатила понудата, го зела казахстанскиот пасош и официјално започнала да настапува под нивно знаме. Бидејќи Казахстан не дозволува двојно државјанство, таа станала полноправен државјанин на оваа земја.
Останатото, вклучувајќи ја историската титула на Вимблдон во 2022 година и трофејот на Отвореното првенство на Австралија, стана историја.
Оваа одлука привлече огромно меѓународно внимание кога Рибакина го освои Вимблдон во 2022 година. Таа година, поради воената инвазија врз Украина, на сите руски и белоруски тенисери им беше строго забрането да учествуваат на Вимблдон. Но, бидејќи Рибакина веќе четири години имаше казахстанско државјанство, таа имаше право на настап и го освои турнирот. Руските медиуми и тениски челници тогаш се обидоа да си препишат заслуги за нејзиниот успех, тврдејќи дека таа е „нивен производ“, но Рибакина и Казахстан јасно одговорија дека таа успеала благодарение на земјата која инвестирала во неа кога никој друг не верувал.
Денес, таа е историска спортска икона во Казахстан и редовно ја истакнува својата благодарност кон земјата која ѝ овозможи да стане дел од светскиот тениски крем.
„Ефектот Рибакина“: Тениска треска меѓу младите
Успехот на Рибакина не остана затворен во нејзината витрина со трофеи. Тој предизвика вистински тектонски потрес во казахстанското општество, инспирирајќи илјадници деца да земат рекет во рацете.
– Секој пат кога ќе се вратам во Казахстан, без разлика во кој град одам, гледам безброј деца. Сега сите тие играат тенис и сè повеќе од нив доаѓаат во тениските центри – изјави неодамна Рибакина.
Благодарение на националната стратегија поттикната од успесите на Рибакина, но и на нејзиниот колега Александар Бублик, Казахстан денес брои 38 регионални тениски центри и дури 364 терени ширум земјата, овозможувајќи им на децата од сите социјални слоеви бесплатен или евтин пристап до спортот.
Рибакина покажа дека не ја заборавила земјата која ѝ помогна. Дел од своите парични награди од Грен слем турнирите таа лично ги донираше за финансирање на 14 грантови за млади и талентирани казахстански тенисерки до 18 години, покривајќи ги нивните трошоци за патувања и тренинзи.
Резултатите од оваа инспирација веќе се видливи. На Јуниорскиот Дејвис Куп, машката младинска репрезентација на Казахстан го освои високото петто место во светот, победувајќи ги традиционалните велесили како Франција и Австралија.
Инспирирани од патот на Рибакина, десетици млади тенисери од соседните земји сега активно бараат спас за своите кариери под покровителство на федерацијата во Астана, која стана синоним за развој на спортски таленти.
Честитките кои пристигнаа од претседателот на државата, Касим-Жомарт Токаев, кој ја нарече нејзината приказна „инспиративен пример за илјадници млади спортисти во земјата“, само потврдуваат дека Рибакина е повеќе од тенисерка.
Од девојка која за малку ќе го напуштеше спортот, Елена Рибакина стана архитект на новата тениска младост на една цела нација. Со нејзиното искачување на светскиот трон, децата во Астана и Алмати веќе не сонуваат само да играат тенис – тие сега знаат дека можат да го освојат светот.
Елена „не живее никаде“, а родителите ѝ се во Москва
Родителите на Елена Рибакина, Андреј и Екатерина Рибакин, сè уште живеат во Москва, каде што тенисерката е родена и израсната.
Иако нивната ќерка постигнува глобални успеси и настапува под знамето на Казахстан, нејзините родители избраа да останат во својот роден град. Од таму, тие редовно ги следат нејзините натпревари на телевизија или патуваат за да ја бодрат во живо од трибините кога имаат можност.
Елена официјално го води Дубаи, Обединети Арапски Емирати, како свое примарно место на живеење.
Како и многу други врвни тенисери, таа го избра Дубаи поради одличните услови за тренинг во текот на целата година, одличната инфраструктура и благата клима во зимскиот период, кога најчесто таму ги одработува своите подготовки пред почетокот на новата сезона. Самата Рибакина во неколку наврати го нарече Дубаи свој „втор дом“.
Сепак, кога новинарите ја прашуваат за нејзиниот постојан дом, таа често нагласува дека како професионален спортист „не живее никаде“ на долгорочен план. Поради густиот распоред на WTA турнејата, таа патува речиси секоја недела во годината.
Елена поминува значителен дел од времето тренирајќи во камп во Словачка, а во текот на годината често ги посетува и Астана и Алмати во Казахстан за официјални настани и средби со младите тенисери.