🎥 ИДНАТА ШПАНСКА КРАЛИЦА СТАНА СТУДЕНТКА ВО МАДРИД Ќе студира политички науки без кралски привилегии

Нејзиниот прием на факултет предизвика и полемика. Леонор не полагала на општиот приемен испит, туку била примена преку системот за рана селекција на кандидати кои средното образование го завршиле во странство.

103

Шпанската престолонаследничка, принцезата Леонор, во понеделникот го започна својот нов живот – како студентка на Универзитетот „Карлос III“ во Мадрид. Дваесетгодишната принцеза од Астурија ќе студира политички науки во следните четири години, а шпанскиот кралски двор и универзитетот најавуваат дека таа ќе биде третирана како и останатите студенти, без посебна наставна програма и академски привилегии.

Леонор пристигна во кампусот во Хетафе на 7 септември и беше пречекана од ректорот Анхел Аријас, проректорката Пилар Отеро и деканот на Факултетот за општествени и правни науки Антонио Дескалсо. Потоа присуствуваше на презентацијата на студиската програма и ги доби истите информации за наставата, правилата и академскиот живот како и нејзините колеги. На „Карлос III“ годинава пристигнуваат повеќе од 3.000 нови студенти.






 

View this post on Instagram

 

A post shared by Gala (@galafr)


Нејзините четиригодишни студии опфаќаат политички науки, право, економија, социологија, историја, хуманистички науки и меѓународни односи. Програмата носи 240 ЕКТС-кредити и, според Универзитетот, треба да ги подготви студентите за критичко разбирање и анализа на политичките процеси во национален и меѓународен контекст. Леонор паралелно ќе продолжи да ги исполнува и институционалните обврски што ги има како наследничка на шпанската круна.

Особено внимание во Шпанија предизвика одлуката принцезата да нема посебен студиски режим. „Ништо не се менува“, изјави ректорот Аријас, објаснувајќи дека наставата, оценувањето, распоредот и правилата остануваат исти. За разлика од нејзиниот татко, сегашниот крал Фелипе VI, за кого при студирањето на Автономниот универзитет во Мадрид во периодот 1988–1993 година била организирана делумно приспособена академска програма, за Леонор не е направен посебен наставен план.

Сепак, нејзиниот прием на факултет предизвика и полемика. Леонор не полагала на општиот приемен испит PAU, туку била примена преку системот за рана селекција на кандидати кои средното образование го завршиле во странство. Таа претходно учеше во UWC Atlantic College во Велс, а Кралската куќа соопшти дека успешно ја поминала постапката за селекција и добила позитивна одлука од комисијата за прием. Постапката е во согласност со правилата на универзитетот, иако во дел од шпанската јавност се постави прашањето дали престолонаследничката сепак добила предност во однос на студентите кои морале да полагаат PAU.

Универзитетот е нова етапа во внимателно планираното образование на идната шпанска кралица. Пред да седне во студентските клупи, Леонор помина тригодишна воена обука во копнените сили, морнарицата и воздухопловството. Сега следуваат четири години политички науки и секојдневен контакт со генерацијата на која еден ден треба да ѝ биде шеф на државата – овојпат во амфитеатар во кој кралската титула, барем според правилата, не носи подобра оценка.

Поврзани содржини