ШТО НЕ СМЕЕТЕ ДА НОСИТЕ НА КОНЦЕРТОТ НА ДЕЈВИД ГЕТА Вратите на Арена „Тодор Проески“ ќе бидат отворени во 17 часот
СВР Скопје за утрешниот концерт на Дејвид Гета има посебен план за физичко и сообраќајно обезбедување за музичкиот настан.
Вратите на градскиот стадион во Скопје утре ќе бидат отворени во 17 часот за концерот на Дејвид Гета по повод 35 години од прогласувањето на независноста на Република Македонија.
Претставници од Министерството за внатрешни работи Авалон продукција денеска на прес-конференција апелираа до граѓаните да пристигнат навремено, да ги почитуваат насоките од полициските службеници.
– Безбедноста на сите присутни граѓани и самото непречено одвивање на настанот и одржувањето на поволен ред и мир се приоритет на МВР. Мерките се насочени кон превенцијата, односно создавање на услови за посетителите безбедно да пристигнат на самиот настан, да приссуствуваат на самиот настан и безбедно да се вратат во своите домови. Апелираме сите присустни да ги почитуваат насоките дадени од полициските службеници како и од редарската служба од агенциите за приватно обезбедување, изјави Билјана Сарагинова, началник на униформирана полиција при МВР.
Граѓаните кои ќе присуствуваат на утрешниот концерт да дојдат навремено и со себе да не носат предмети кои се забранети за внесување на вакви настани:
– огнено оружје,
– разни експлозивни материи,
– ладно оружје (ножеви, боксирачи, палки),
– стаклени шишиња, алкохолни пијалоци, лименки,
Од МВР апелираат да не се носат големи ранци или торби, бидејќи истите ќе бидат отстранети.
СВР Скопје за утрешниот концерт на Дејвид Гета има посебен план за физичко и сообраќајно обезбедување за музичкиот настан.
– Посебен режим на сообраќај ќе има кај приодите до арената „Тодор Проески“, на дел од булеварот „Илинден“ се со цел граѓаните непречено и навремено да пристигнат на настанот – истакна помошникот началник за општа безбедност при МВР Љупчо Ѓурчевски.
Бобан Милошевски од Авалон продукција се надева дека без било какви проблеми ќе помине утрешниот настан како и сите претходни во рамки на одбележувањето на 35 години независност на Македонија.
Во однос на замената на картите за Дејвид Гета со алки, Милошевски вели дека тоа е неопходно бидејќи ако картите се чекираат ќе трае предолго.
– Замената на картите со алките треба да се сфати како една неминовност, за одржување на концертот во интерес на времето – појасни Милошевски.
Со концерот на Дејвид Гета на Градскиот стадион во Скопје се заокружува едномесечното одблежување на 35 години независност на Македонија.