ТРАМП Е РЕШЕН ДА СЕ ЗАВРШИ РУСКО-УКРАИНСКАТА ВОЈНА Виткоф ги повика Москва и Киев на компромис

Кушнер рече дека земјите мора да ги утврдат условите и договорите потребни за постигнување долготраен и одржлив мир.  

64

Американскиот претседател Доналд Трамп е решен да се заврши руско-украинската војна, а потоа да се фокусира на инвестициски и деловни можности во Украина и САД, изјави денеска во Киев претставникот на американскиот претседател Џаред Кушнер.

– Претседателот Трамп секогаш вели дека колку е потешко нештото, ако вреди, мора да се даде сè од себе. Затоа е решен да види како завршува оваа војна, како завршуваат смртните случаи, како се обединуваат семејствата, а потоа, се надеваме, да го направи она што најмногу го сака – да се фокусира на инвестирање во деловни можности што ги зближуваат земјите – рече Кушнер по уште една рунда преговори, јавија украински медиуми.






Според него, ова би можело да донесе просперитет и нови можности за народот на Украина и на Европа.

Кушнер рече дека земјите мора да ги утврдат условите и договорите потребни за постигнување долготраен и одржлив мир.

Другиот специјален претставник на САД, Стив Виткоф, ги повика Москва и Киев на компромис за да најдат излез од војната што ја водат уште од руската инвазија на Украина во 2022 година.

– Двете страни ќе мора да направат компромис и да ги надминат своите разлики, и ние веруваме дека имаме што е потребно за да го постигнеме тоа. Многу е тешко, но ние сме решени, ова е важно за нас и се надеваме дека сето ова ќе доведе до дипломатско решение – изјави тој на прес-конференција по неговите први разговори во Киев.

Кушнер и Виткоф денеска пристигнаа во Киев. Вчера двајцата беа во Москва, каде што разговараа со рускиот претседател Владимир Путин повеќе од три часа.

Поврзани содржини