ВУЧИЌ ЌЕ ГИ РАСПИШЕ ИЗБОРИТЕ ЗА НЕКОЛКУ ДЕНА Веќе има и план за новата влада

Претседателот на Србија најави дека изборите ќе ги распише најдоцна на 9 или 10 септември, а доколку стане кандидат за премиер, предлага идната влада да има најмногу 12 министри.

64

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, најави дека во следните неколку дена ќе ги распише вонредните парламентарни избори, најдоцна на 9 или 10 септември наутро.

– За неколку дена ќе ги распишам изборите. Најдоцна на 9 или 10 септември наутро – изјави Вучиќ во интервју за „Ниш ТВ“.






Вучиќ посочи дека важен политички настан ќе биде и седницата на Главниот одбор на Српската напредна странка (СНС), на која треба да се разговара за претстојните избори и за можноста тој да биде кандидат за претседател на Владата.

Тој најави дека, доколку добие поддршка за премиерската кандидатура, ќе предложи значително помал владин кабинет.

– Мојот предлог ќе биде премиер и најмногу 12 министри. Тоа би била најмалата влада во нашата историја – рече Вучиќ.

Според него, целта е идната влада да биде поефикасна, со министри кои ќе имаат поголеми надлежности и одговорност.

Вучиќ истакна дека сериозно се подготвува за можноста да ја преземе функцијата премиер доколку ја добие потребната политичка поддршка.

Тој претходно повеќепати најавуваше дека нема да го менува Уставот за да овозможи уште еден претседателски мандат.

Доколку изборите бидат распишани на 9 или 10 септември, како што најави Вучиќ, вонредните парламентарни избори во Србија се очекува да се одржат на 25 октомври.

Поврзани содржини