🎥 И НА 100 ГОДИНИ ПРОДОЛЖУВА ДА ВЕЖБА Дик Ван Дајк не се откажува од редовната физичка активност
Легендарниот актер и на 100 години го одржува својот активен животен стил. Тој претходно откри дека трипати неделно оди во теретана, каде што прави вежби за истегнување, стомачни и вежби налик на јога.
На 100 години, Дик Ван Дајк продолжува да воодушевува со својата физичка форма. Легендарниот актер неодамна објави видео на кое се гледа како вежба на инверзиска маса, на која главата му е свртена надолу, а нозете нагоре.
Снимката на која Ван Дајк лежи на инверзиската маса поставена на отворено, е објавена на Инстаграм на 28 август. Во еден момент ги става рацете зад главата и ја задржува положбата, покажувајќи неверојатна подвижност за човек кој има наполнето еден век. Видеото го придружил со кратката порака „Keep moving“, или во превод: Продолжете да се движите.
View this post on Instagram
Инверзиската маса не е единствениот начин на кој актерот се одржува во форма. Ван Дајк претходно открил дека вежба трипати неделно, а во неговата рутина има истегнување, стомачни вежби, јога и тренинг во теретана. Во разговор со Тед Денсон во 2025 година рекол дека тој и неговата сопруга Арлин Силвер сè уште одат во теретана.
Токму Денсон има една интересна приказна за начинот на кој Ван Дајк вежбал. Тој раскажал дека двајцата некогаш оделе во иста теретана и дека го гледал актерот како преминува од една справа на друга, но наместо да оди – тој танцувал. Според Денсон, Ван Дајк практично правел кружен тренинг, со танцувачки чекори меѓу справите.
И други познати личности сведочат за неговата физичка активност. Музичарот Рик Спрингфилд минатата година раскажа дека го сретнал Ван Дајк во теретана кога актерот имал 99 години. Според неговото сведоштво, Ван Дајк користел различни справи, а по вежбањето дури направил и неколку танцувачки чекори.
Ван Дајк во својата книга „100 Rules for Living to 100: An Optimist’s Guide to a Happy Life“ зборува и за својот однос кон стареењето и физичката активност. Редовното движење е една од навиките што ги поврзува со својата долговечност, а неговиот пристап е едноставен – да не престане да се движи.
Пред својот 100. роденден актерот зборуваше и за тоа како се чувствува. Рече дека понекогаш има повеќе, а понекогаш помалку енергија, но дека никогаш не се буди со лошо расположение. Како една од причините за својата долговечност ја наведе и одлуката да не се оптоварува со лутина и омраза.
Дик Ван Дајк наполни 100 години на 13 декември 2025 година, а во декември годинава ќе го прослави 101. роденден. Иако со годините има одредени физички ограничувања, неговите најнови снимки покажуваат дека и понатаму останува активен.