📷 ВО ГАЗИ БАБА ЌЕ СЕ ОТВОРИ ПРЕТОВАРНА СТАНИЦА ЗА ОТПАД Со новите возила Ѓорѓиевски очекува нормализација на јавната хигиена во Скопје

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски најави дека Град Скопје со сопствени средства набавува дополнителни специјализирани возила, како и повеќе од 3.300 контејнери, за кои постапката е во завршна фаза.

890

Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски смета дека генерално е нормализирана состојбата со отпадот во градот, за разлика од пред една година кога ја презеле работата на „Комунална хигиена“ и затекнале само 17 исправни возила.

– Во моментов имаме околу 50 возила кои што се функционални, но јас секогаш тоа го велам – долги години наназад не се обезбедени нови возила и на дневна основа се случува по три, пет, седум, некогаш и по 10 возила ни паѓаат од работа – поради дефекти. Ова е значителна помош. Сите овие нови 27 возила – дел се цистерни за перење, дел се метларки кои што подобро ќе ги сервисираат тротоарите, плоштадите и сè останато, во најголем дел се возила кои што ќе собираат комунален отпад по руралните средини. Таму најмногу ни недостигаа, но и по булеварите и главните улици во општините каде што имавме проблем – рече Ѓорѓиевски на промоцијата на новите возила за одрување на јавната хигиена.






Ѓорѓиевски додаде дека друг проблем биле претоварните станици и губењето време, како и трошењето ресурси.

– Во моментов немаме функционални претоварни станици за да го бајпасираме делот Карпош, Ѓорче Петров и дел од Центар. Сега обезбедивме сами како Град Скопје, како „Комунална хигиена“, две претоварни станици, едната ќе биде токму таму стационирана и многу побрзо ќе се движат процесите во однос на собирањето на отпадот, а другата ќе биде стационирана во Гази Баба, која што ќе го покрива тој регион таму – најави Ѓорѓиевски.

Градоначалникот посочи дека дополнителен проблем е недостигот на контејнери, кои се стари и дотраени.

– Во наредниов период и тој дел од прашањето ќе го решиме и мислам дека ќе имаме целосно нормализирање на процесите – подвлече Ѓорѓиевски.

Тој најави дека Град Скопје со сопствени средства набавува дополнителни специјализирани возила, како и повеќе од 3.300 контејнери, за кои постапката е во завршна фаза.

Додаде и дека градоначалниците во ЗЕЛС заклучиле дека најголем проблем за комуналната хигиена е недостигот на механизација.

И јавното претпријатие „Комунална хигиена“ со соопштение го изрази задоволството од новите специјализирани возила за собирање отпад.

„Преку донација од Министерството за транспорт претпријатието доби на трајно користење дваесетина специјални комунални возила, камиони со зафатнина од 3, 8, 17 и 20 кубни метри, автоцистерни наменети за машинско миење на улиците и специјализирани метларки наменети за машинско метење. Со ставањето во употреба на новите возила се очекува значително да се зголеми ефикасноста на извршувањето на оперативните активности на терен“, соопшти „Комунална хигиена“.

Претпријатието информира дека во текот на август, екипите подигнале и транспортирале 14.200 тони мешан комунален отпад од домаќинствата, како и 2.740 кубни метри мешан комунален, кабаст и градежен отпад одложени на јавни и сообраќајни површини.

Поврзани содржини