ВАРДАР ГО ПОБЕДИ ОХРИД ВО ПОСЛЕДНИТЕ СЕКУНДИ Пенал на Воркапиќ и неверојатна одбрана за петти Суперкуп

Вардар 1961 го совлада ГРК Охрид со 32-31 во драматичниот Суперкуп и со победа ја отвори новата сезона во македонскиот клупски ракомет.

72

Актуелниот шампион Вардар 1961 со победа над ГРК Охрид од 32-31 го освои првиот трофеј во новата сезона и ја потврди доминацијата во македонскиот клупски ракомет.

Финалето донесе квалитетен и неизвесен ракомет, а победникот беше решен буквално во последните секунди.






„Црвено-црните“ во последните пет минути влегоа со предност од два гола, но Охрид не се предаде. Ракометарите на охридскиот тим успеаја да ја анулираат негативата и во завршната минута резултатот беше израмнет на 31-31.

На само 19 секунди до крајот, Воркапиќ ја презеде одговорноста и од пенал погоди за 32-31.

Охрид доби можност да одговори и да го однесе натпреварот во продолжение, но на голот на Вардар застана Валах.

Голманот на „црвено-црните“ со фантастична одбрана во последните моменти го спречи Охрид да израмни и му го донесе трофејот на својот тим.

Со триумфот, Вардар по петти пат во клупската историја го освои Суперкупот.

Победата има дополнителна тежина за избраниците на Чупиќ, кои на овој начин му се реваншираа на Охрид за серијата од три последователни порази во меѓусебните дуели.

Најефикасен во редовите на Вардар беше Воркапиќ со 12 гола, додека кај Охрид најмногу се истакна Ѓукиќ со шест погодоци.

Натпреварот во Гевгелија воедно беше официјално отворање на новата сезона во македонскиот клупски ракомет.

Поврзани содржини