НА 115 ГОДИНИ ПОЧИНА НАЈСТАРАТА ЛЕКАРКА ВО СВЕТОТ Нејзината тајна се крие во една обична дневна навика

Шигеко Кагава верувала дека долгогодишното пешачење многу придонело за нејзината виталност. На 109 години го носела и олимпискиот оган за Олимписките игри во Токио.

67

На 115 години почина докторката Шигеко Кагава, најстарата лекарка во светот и најстарата личност во Јапонија. Таа лекувала пациенти до доцните 80-ти години. На 109 години го носела олимпискиот оган, а својата долговечност ја поврзувала со едноставна навика, пешачењето.

Кагава работела како гинеколог-акушер и специјалист по интерна медицина. За време на Втората светска војна работела во болница во Осака.






Подоцна раководела со приватна клиника во префектурата Нара. Активно лекувала пациенти до доцните 80-ти години.

Долгиот живот не го поврзувала со некаква сложена формула. Кога ја прашувале за виталноста, најчесто зборувала за пешачењето.

– Мојата долговечност е закоренета во мојата навика да пешачам толку многу и тоа долги години – изјавила Кагава.

Навиката ја стекнала уште како млада лекарка. Во тоа време автомобилите не биле толку достапни, па до пациентите често одела пеш.

– Кога бев лекарка, немаше автомобили како денес. Носев традиционални дрвени кломпи и минував огромни растојанија пешки за да ги прегледам пациентите. Мислам дека токму тоа ме направи силна и здрава – раскажала Кагава.

Пешачела и кога пациентите ја повикувале среде ноќ. Според нејзиното лично објаснување, токму долгогодишното движење ѝ помогнало да остане силна.

Пешачењето, сепак, не било единствената навика во нејзиното секојдневие. Кагава одржувала едноставна и редовна рутина.

Јадела три оброци дневно и настојувала да ги јаде во исто време. Во подоцнежните години претпочитала тофу, јајца и црн грав.

Се придржувала и до редовен ритам на спиење. Легнувала и станувала во определено време.

Не ја запоставувала ниту менталната активност. Секојдневно читала весници со лупа, се занимавала со калиграфија и играла игри на таблет.

Кагава имала и поинакво објаснување кога разговорот за долговечноста станувал премногу сериозен.

– Немам никаква тајна. Јас само се играм секој ден. Мојата енергија е мојот најголем имот. Одам каде што сакам, јадам што сакам и правам што сакам. Слободна сум и независна – изјавила таа за „ТОС њуз“.

Поврзани содржини