33 ДРЖАВИ, 99 ТИМОВИ И ЕДНА ГОЛЕМА ТИТУЛА Во Маврово започна Светското првенство во лов на крап

На Мавровското Езеро од 2 до 5 септември ќе се натпреваруваат 99 тимови од 33 држави, а победник ќе биде екипата со најголема вкупна тежина на уловен крап.

45

Маврово вечерва официјално го отвори 26. Светско првенство во лов на крап – „Маврово 2026“, на кое ќе учествуваат 99 тимови од 33 држави. Натпреварувањето од 2 до 5 септември ќе се одржува на Мавровското Езеро, каде што најдобрите натпреварувачи во спортскиот риболов ќе се борат за светската титула.

Свеченото отворање се одржа во присуство на натпреварувачите, гости и љубители на риболовот.






Учесниците во наредните денови ќе ги одмерат знаењата, тактиката, издржливоста и спортското мајсторство во една од најатрактивните дисциплини на спортскиот риболов.

Како дел од организацискиот одбор и во својство на домаќини на свеченоста се обратија директорот на ЈУ Национален парк „Маврово“, Харис Ибраими, градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше, Онер Јакуповски, и претседателот на Македонската риболовна федерација, Филип Серафимовиќ.

– Голема чест и гордост е за сите нас што сме домаќини на над 30 светски репрезентации. Маврово и целата наша општина поседуваат извонреден потенцијал за развој на спортскиот и алтернативниот туризам. Ова Светско првенство е совршена можност да ја покажеме нашата гостопримливост и да ги промовираме сите можности што ги нуди овој регион – рече Јакуповски.

На свеченото отворање пред учесниците се обрати и Клаудио Уго Матеоли, претседател на Меѓународната федерација за спортски риболов во слатки води (FIPSed) и претседател на Меѓународната конфедерација за спортски риболов (CIPS).

Натпреварувањето започнува од 2 септември, а ќе трае до 5 септември, кога ќе бидат прогласени најуспешните тимови.

Според организаторите, станува збор за едно од најпрестижните натпреварувања во спортскиот лов на крап.

Крапскиот риболов на вакви натпревари бара комбинација од тактика, трпение, издржливост и прецизност.

Вообичаениот формат на натпреварувањето предвидува риболовот да трае од 72 до 120 часа, односно натпреварувачите ловат нонстоп во текот на повеќе денови.

Тимовите можат да бидат составени од два до четири натпреварувачи, а конечниот победник се одредува според вкупната тежина на уловениот крап.

Така, во Маврово во следните денови ќе се води битка не само за што поголем улов, туку и за најдобрата тактика и издржливост на светските екипи.

Светското првенство истовремено претставува можност Маврово и Македонија да се претстават пред голем број странски натпреварувачи и гости како дестинација за спортски, авантуристички и алтернативен туризам.

Поврзани содржини