МУЗИЧКИ СПЕКТАКЛ ВО СКОПЈЕ ЗА 35 ГОДИНИ НЕЗАВИСНОСТ Хозе Карерас и најголемите македонски ѕвезди вечерва на Плоштад „Македонија“

Покрај светски познатиот тенор, вечерва ќе настапат и Влатко Стефановски, Маја Оџаклиевска, Каролина Гочева, Калиопи Букле, Ана и Игор Дурловски, Дешира Амети-Крлиу, Сузана Спасовска, Наум Петрески и Миле Кузмановски.

70

Еден од најпознатите светски тенори Хозе Карерас вечерва ќе настапи во Скопје на голем музички спектакл заедно со дел од најзначајните имиња на македонската музичка сцена.

На концертот, кој ќе се одржи на Плоштад „Македонија“ со почеток во 20 часот, ќе настапат Миле Кузмановски, Сузана Спасовска, Наум Петрески, Маја Оџаклиевска, Каролина Гочева, Калиопи Букле, Влатко Стефановски, Ана и Игор Дурловски и Дешира Амети-Крлиу. Тие ќе бидат придружувани од Македонската филхармонија.






Настанот е со бесплатен влез и отворен за сите граѓани, а се организира во рамки на програмата за одбележување на 35 години независност на Македонија.

Концертот ќе се одвива во два музички дела. Во првиот сегмент публиката ќе има можност да ги слушне македонските музички ѕвезди во придружба на повеќе од 60 музичари од Македонската филхармонија.

Со оркестарот ќе диригира Сашо Татарчевски, додека новите оркестрации и аранжмани специјално за концертот ги подготви маестро Николче Мицевски.

Вториот дел од вечерта е резервиран за Хозе Карерас, кој пред скопската публика ќе го изведе својот препознатлив светски репертоар, заедно со Македонската филхармонија. Оркестарот ќе биде предводен од неговиот долгогодишен диригент Дејвид Хименез.

Од „Авалон продукција“ најавуваат и неколку специјални музички спојувања меѓу македонските изведувачи и Карерас, кои засега остануваат изненадување за публиката.

Концертот е втор голем настан во рамки на јубилејната програма, по најавениот настап на Дејвид Гета – „Monolith Stadium Show“, а овојпат акцентот е ставен на класичната музика и македонската музичка традиција.

Музичката прослава продолжува на 2 септември на платото на Т-АРЕНА во Скопје, каде што ќе настапат Слаткаристика, Суперхикс, 2 Бона, Фанк Шуи и Дина Јашари.

Организаторите најавуваат вечер посветена на различни генерации и на дел од најпопуларните македонски музички артисти. И овој настан ќе биде отворен за сите и со бесплатен влез.

Поврзани содржини